Денес го празнуваме Свети Аверкиј Рамноапостолен

Свети Аверкиј Рамноапостолен

Во времето на царот Антонин, свети Аверкиј беше епископ во градот Јерапол Фригиски. Во тој град огромното мнозинство беа незнабошци, а свети Аверкиј управуваше со своето малечко стадо и тагувајќи во срцето заради толкавото мноштво незнабошци и идолопоклоници, па усрдно Му се молеше на Бога да ги обрати кон светлоста на вистината. Во времето на едно значајно идолско празнување, Аверкиј се разгоре со ревност по Бога, па влезе во идолскиот храм и ги испокрши сите идоли. Кога разјарените незнабошци сакаа да го убијат, припаднаа пред него тројца бесни млади луѓе со пена на усните и со урлање, а Божјиот човек со молитва ги изгони од нив демоните и момчињата станаа здрави и мирни. Штом го видоа тоа, незнабошците го обратија својот гнев во восхит кон Христовиот чудотворец и веднаш петстотини од нив примија Крштение. Малку по малку, целиот град Јерапол поверува во Христа и се крсти. Антипатот на таа област, Публиј, имаше слепа мајка на којашто Аверкиј со молитва ѝ го врати видот, та поверуваа во Бога Публиј, неговата мајка и мнозина други луѓе. На старост беше повикан во Рим, каде што ја исцели од лудило царската ќерка. Неколкупати на овој Свој верен следбеник му се јавуваше Господ Исус Христос. Од далеку и од околината кај него доаѓаа луѓе заради неговата чудотворна помош при нивните неволји. Демоните не само што се плашеа од него туку кога им заповедаше и му служеа. На заповед на Самиот Господ го проповедаше Евангелието и во Сирија и во Месопотамија. Пред својот љубен Христос се претстави во длабока старост, во градот Јерапол, на крајот од 2 век.

Видео на денот