
Ден за отрезнување
Не паѓа снегот за да го покрие ридот, туку за секоја ѕверка да си ја открие трагата. Денеска пред камерите на влезот од парламентот, но и од самата говорница, го видовме вистинското, алчно, незаситно и пред сè арогантно лице на „нашите“ пратеници. Некои со цинично смеење и мајтапење, некои со пасивно-агресивно молчење, но сите заедно искажаа невидена ароганција не само кон новинарите, туку и кон граѓаните – оние што со својот глас и доверба ги довеле на функции.
Препорачано
Навредуваат сумите (до 155 илјади евра!) што ги зеле за патни трошоци, но уште повеќе навредува ароганцијата. Многу бргу заборавија дека одеа по улици и питачеа за нашите гласови на парламентарните избори, а без нашите гласови тие ќе останеа – никој и ништо. Многумина од нив, без никакви професионални достигнувања во животот, па дури и со сомнително образование, добија основна плата од 109.000 денари, признавање и покривање енормни патни трошоци и трошоци за сместување, како и којзнае какви сè привилегии.
Без никакви формални услови за образовна квалификација примаат прилично повисоки плати од универзитетските професори, кои морале да пишуваат научни трудови, да поминат избори и рецензирања. Примаат повисоки плати и од докторите-специјалисти кои поминале 20 години во школски клупи и по болници, пред да започнат да заработуваат. Примаат поголеми плати и од работниците што работаат на висина и го изложуваат својот живот на ризик. За што примаат плата овие арогантни луѓе? За „млатење празна слама“ и продавање демагогија од собраниската говорница и гласање под команда од нивниот партиски султан.
Па за тоа не ни требаат 120 пратеници и преку 10 милиони евра годишни трошоци. Истото може да се постигне со е-парламент, а тој што ги издава командите ќе може да гласа далечински со одреден број гласови, пропорционален на резултатите на изборите. Во секој случај сите гласаат како што ќе им се нареди. Па, зошто тогаш толку скапо да ги плаќаме тие обични притискачи на копчиња?
Социолозите и психолозите можат да изнесат свое мислење, но изгледа дека се влезени во некаков надреален филм, па веруваат дека сите граѓани се обични неспособни лузери, а тие се избрани од нив благодарение на големата памет и способност, па затоа им следуваат секакви привилегии.
Денеска им е удрена шлаканица на 1,8 милиони граѓани кои наивно поверувале дека во лицето на пратениците ќе имаат луѓе полни со разбирање за нивните проблеми. Наместо тоа, добија луѓе кои мислат само на себе и својот личен интерес. Оние арогантни пратеници од снимката не сакаа да им одговорат макар и на новинарите, а не да им положат сметки на своите избирачи, на кои им се умилкуваа лажејќи ги дека вратите од нивните канцеларии секогаш ќе бидат отворени за нив. Би било интересно, за проба да им отидеме во канцелариите и да ги прашаме и самите, дали им се малку 109.000 денари, кои наскоро ќе пораснат на 120.000 денари, како и патните надоместоци, трипати повисоки од автобуска карта.
Но, грешката ја направивме, да видиме што можеме сега да сториме за да ја поправиме. Доаѓаат локалните избори, наскоро ќе започнат изборните карвани, умилкувањата и лагите. Не мораме тогаш да ги прашуваме дали им се малку 120.000 денари, но на денот на изборите можеме да не им го дадеме својот глас, гласот што ги направи луѓе, гласот без кој што ќе останеа никој и ништо.
Повеќе нема што да се зборува и пишува, ќе се видиме на гласањето, па ако сме луѓе со макар малку достоинство, таму ќе им го дадеме одговорот. Ако пак немаме ништо против оние арогантни и неблагодарни луѓе и понатаму да ни се смеат в лице – тогаш ништо, не заслужуваме подобро.
Фејсбук
(Авторот е универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“