„Ден В“ во Америка – почеток на крајот на војната со вирусот

Фото: EPA-EFE/MORRY GASH / POOL

Масовната имунизација во САД почнува во критичен момент од пандемијата, кога од ден на ден се надминува рекордниот број новозаразени и починати луѓе од ковид-19.

Огромната логистичка операција за дистрибуција на вакцините за ковид-19 низ центрите за имунизација, властите ја споредуваат со сложеноста на воената инвазија врз францускиот брег на Денот Д, со која практично почна крајот на Втората светска војна.

Во текот на вчерашниот ден почна разнесувањето на три милиони дози од вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“, со кои прво треба да бидат имунизирани граѓаните од приоритетните групи. Уште за време на викендот, во авиони и камиони на „УПС“ и „Федекс“ беа натоварени 2,9 милиони дози, а уште толку ќе бидат спакувани за втора вакцинација по три недели. Уште 500.000 дози се чуваат во резерва за итни случаи.

Првите пратки вчера требаше да пристигнат на 145 локации во сите 50 сојузни држави, а денеска ќе бидат испорачани на 425 локации. Генералот Густав Перна, одговорен за дистрибуцијата, изрази увереност дека би можеле да бидат испорачани 40 милиони дози до крајот на годината, ако до крајот на оваа недела биде одобрено и користењето на вакцината на „Модерна“.

– Денот Д беше момент на пресврт во Втората светска војна. Тоа беше почеток на крајот. И ние тука сме на почетокот на крајот – оцени генералот Перна.

Масовната имунизација во САД почнува во критичен момент од пандемијата, кога од ден на ден се надминува рекордниот број новозаразени и починати луѓе од ковид-19. Во саботата имало 3.309 починати лица. Експерти предупредуваат дека имунизацијата во раните фази нема да го смири интензивирањето на пандемијата, поради што мора да се почитуваат превентивните мерки – носење маска, одржување растојание и миење раце.

Целта што ја најави и новоизбраниот претседател Џо Бајден е до крајот на зимата да бидат вакцинирани 100 милиони луѓе.

 

И во Канада пристигнаа вакцините

 

Во Канада од завчера почна испорачувањето на вакцините за ковид-19 од „Фајзер“ и „Бионтек“, а заклучно со вчера требаше да бидат распоредени 30.000 дози.

– Канада се очекува „во разумно скоро време“ да ја одобри вакцината на „Модерна“ и да биде подготвена да прифати испорака на дози до крајот на оваа недела – изјави генералот Дени Фортин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот