Ден по пожарот – тивко и тажно е во Тетово

М-р Перо Наумовски / Фото: Цивилмедија

Иако скршени од болка, тетовци во овие тешки моменти се прашуваат – дали некој ќе одговара за оваа трагедија што Тетово и тетовци ги зави во црно?

Пред точно една недела бев вчудовиден од видеостатијата на еден медиум што се вртеше на социјалните мрежи дека низ модуларната болница во Тетово слободно се шетаат цивили, честопати и без маски и никаква заштита, во потрага и грижа за своите најблиски.

Вчера кога ги гледав ужасните снимки од пожарот од ковид-болницата, веднаш ме потсетија на тоа видео. Очигледно не бев добро упатен за состојбите во тетовската болница, бидејќи со другарите кога разговарав за тоа што го видов во видеото, всушност воопшто и не беа изненадени. Некои од нив, кои имале блиски на лекување во модуларната болница, ми потврдија дека тие поминале низ истото искуство. Најблиските најчесто се грижат за болните, морале да носат и постелнина, лекови и храна, секој ден. Модуларната болница немала дури ни тоалети, па на болните им носеле и пелени за возрасни.

Се појавија и непотврдени сведочења и шпекулации дека пожарот се појавил веднаш откако лекар се обидувал млада пациентка во присуство на нејзините избезумени родители, да ја поврати во живот со електрошокови.
Меѓутоа, кои се причините што доведоа до оваа ужасна трагедија, ќе ги утврдуваат надлежните.

Тивко и тажно е денес во Тетово. Изгубените животи веќе никој нема да ги врати. Граѓаните на Тетово се сè уште во шок и неверување. Тагата по изгубените животи е огромна.

Иако раните се свежи, а болката огромна, прашање е дали општеството и во иднина сериозно ќе ги сфати предупредувањата што доаѓаат или ќе продолжи со нивно игнорирање, по старо.

Летово, за жал, четвриот бран на короната како да тргна од Тетово како резултат на големиот број свадби во затворен простор. Иако индициите за тоа беа јасно видливи уште на почетокот на новиот бран, сепак немаше соодветна и навремена реакција од надлежните.

Иако скршени од болка, тетовци во овие тешки моменти се прашуваат – дали некој ќе одговара за оваа трагедија која Тетово и тетовци ги зави во црно?

 

Извор: Цивилмедија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот