Ден по посетата на Петков на Скопје Бугарија ги затвора границите и за македонските граѓани

Граничен премин -Деве Баир фото архива на Слободен печат

Поради влошената епидемиолошка  ситуација во Република Бугарија и во Европа, согласно најновата одлука на бугарското Министерство за здравство, изменет е режимот за влез и за државјаните на Република Северна Македонија, почнувајќи од 19-ти јануари. Се ограничува влезот за сите неесенцијални патувања во земјата (во исклучоците спаѓаат медицински лица, хуманитарни работници, студенти, лица со регулиран престој, делегации и слично).

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија е во постојана комуникација со надлежни институции во Република Бугарија и со колегите во бугарското Министерството за надворешни работи, со цел, како што соопшти, замена на постојното решение кое може да предизвика сериозен застој во интензивната комуникација на граѓаните од двете земји.

-До стартот на имплементацијата на целосна забрана на 19 јануари, очекуваме напорите да вродат со плод и постојното решение да биде заменето со нова одлука со која нашите државјани ќе можат да влезат во Република Бугарија и за таканаречените неесенцијални потреби, и тоа со сертификат за извршена вакцинација или прележана болест и негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа, наведува МНР.

Според МНР, во кој било случај, условите за влез на малолетни лица од 12 до 18 години исто така се променети – и тие ќе треба да ги приложуваат горенаведените документи при влез. За лица кои не ги почитуваат опишаните правила, следува десетдневен карантин.

-Ги предупредуваме граѓаните кои планираат да патуваат во Република Бугарија од задутре 19 јануари па натаму, внимателно да ги следат официјалните објави од Министерството за надворешни работи за да не се доведат во ситуација да бидат вратени од пограничните власти во Бугарија, нагласува МНР.

Ден пред да почне новиот режим во Бугарија во посета на Северна Македонија, доаѓа бугарскиот премиер Кирил Петков, па евентуалната опција за полиберален режим за македонските граѓани кои и оваа зима уплатија зимски одмори во бугарските ски центри, може да ја дискутираа лично двајцата премиери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот