Ден на жалост и во Република Српска поради убиството на тројцата Срби на Косово

Во Република Српска денеска е прогласен ден на жалост, поради убиството на тројца Срби во вооружен инцидент што во неделата се случи на северот на Косово.
Знамињата на институциите на Република Српска се спуштени на половина копје, а телевизиските и радио содржините, како и сите спортски и забавни настани планирани за денеска, ќе бидат приспособени на Денот на жалоста.
Одлуката за прогласување на Ден на жалост ја донесе Владата на РС на телефонска седница.
Пратениците на Народното собрание на Република Српска им оддадоа почит на Србите кои загинаа на Косово на почетокот на седницата во вторник.
Во црквата Христос Спас во Бања Лука денеска од 18:00 часот ќе се одржи молебен панихида и палење свеќи за убиените. Комеморацијата ја организира Кабинетот на претседателот на Народното собрание на Република Српска во соработка со црковната општина Бања Лука.