Демократскиот сојуз го поддржа проектот за една изборна единица

Демократски сојуз / Фото: Архива на „Слободен печат“

Централниот совет на Демократскиот сојуз на вчерашната седница расправаше за актуелните политички состојби, како и соработката со СДСМ и другите партии од владината коалиција .

На седницата беше изразена целосна поддршка на проектот за измени на Изборниот законик, со кои се предвидува Македонија да биде една изборна единица, што е долгогодишна определба на Демократскиот сојуз и претставува еден од клучните предуслови за натамошна соработка со парламентарните партии.

Централниот совет се заложи за афирмација и донесување на другите предлог-проекти на Демократскиот сојуз, како што е законот за преиспитување на политички монтираните судски процеси, како и проектите поврзани со засилување на институционална борба против тешките облици на криминал и висока корупција, формирање на посебен фонд за поддршка на младите итн, велат ДС.

Централниот совет на Демократскиот сојуз расправаше и за актуелните состојби и случувања предизвикани од руската воена агресија врз Украина и даде целосна поддршка на Владата за солидарноста и помошта на народот на Украина вклучително и преземање хуманитарни акции и прифаќање бегалци од оваа земја.

Како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската унија, Македонија има обврска и интерес да биде дел од прогресивните сили во Европа и да се залага за зачувување на територијалниот интегритет и сувренетитет на државите и почитување на меѓународното право, стои во соопштението на ДС.

Централниот совет изрази загриженост во врска со најавата на првиот човек на Државниот завод за статистика за можна недоверба во резултатите од пописот, која би можела да предизвика политички и меѓуетнички тензии во Македонија.

Демократскиот сојуз сугерира оваа статистичка операција и резултатите да бидат реален одраз на состојбите и истите да не се објавуваат пред да се проверат.

На седницата беше искажано незадоволство од соработката на локално ниво со СДСМ, како и преиспитување на натамошната соработка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот