Демократски сојуз: Што побрзо да се состави стабилна влада, без развлекувања и уцени

Демократскиот сојуз оценува дека вчерашните предвремени парламентарни избори беа фер и демократски, без насилства, со висока излезност во специфични здравствени услови, при што граѓаните можеа слободно да ја искажат својата определба и гласаа мирно и достоинствено, определувајќи се за Европска Македонија.

Демократскиот сојуз ја известува јавноста дека во следниот собраниски мандат ќе биде парламентарна партија и ќе даде придонес со сопствени оригинални идеи и законски решенија за решавање на суштинските проблеми на граѓаните. Очекуваме со нашите партнери од коалицијата „Можеме” што побрзо да се состави стабилна влада, без развлекувања и уцени, во која ќе учествуваме со својата програма и со квалитетни кадри и која веднаш ќе се зафати со здравствените и економските предизвици.

Демократскиот сојуз смета дека приоритети на следната влада се надминување на здравствената криза со помош на нашите партнери од ЕУ и НАТО, енергична борба против организираниот криминал и корупцијата, воспоставување правда и правичност, како и усвојување сериозна антикризна економска програма за заживување на македонската економија и подигање на животниот стандард на граѓаните. Очекуваме преговорите за членство во Европската унија кои треба да почнат до крајот на оваа година, да го забрзаат процесот на европеизација на Македонија и да придонесат за повеќе правда и демократија и подобар и поквалитетен живот.

Демократскиот сојуз исто така очекува во првите три месеци од новиот мандат Собранието да донесе измени на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи заради поправично и подемократско одразување на волјата на граѓаните и разбивање на двопартискиот монопол.

Демократскиот сојуз инсистира да се расчисти со паѓањето на веб-страницата на Државната изборна комисија, како и со евентуалните намерни грешки во обработката и презентацијата на изборните резултати и против одговорните да се преземат соодветни законски мерки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот