Демократски сојуз: Да не се брза со патокази, Борисов кажа сè

Врз основа на анализата на актуелните односи меѓу Македонија и Бугарија, оценуваме дека бугарските барања се сведуваат на три клучни работи – прво, да прифатиме дека корените на македонскиот народ се бугарски, второ, дека македонскиот јазик е бугарски дијалект и трето, дека во Бугарија нема Македонци, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз (ДС).

– За да ги оствари овие цели, Бугарија ја блокира Македонија да ги почне пристапните преговори со Европската унија. Тоа е класична уцена и нема поголема навреда за еден народ, да се негира или да се тврди дека тој е вештачка творба и да се употребуваат други потешки квалификации кои не е пристојно ниту да ги споменеме. Впрочем, бугарскиот премиер Бојко Борисов за влијателниот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ призна од што се плаши: од признавање македонско малцинство во Бугарија“, стои во дописот на ДС.

Демократскиот сојуз му препорачува на преговарачкиот тим на Македонија јасно, гласно и недвосмислено да му соопшти на бугарскиот државен врв дека македонскиот народ е посебен и дека живее и опстојува на овие простори со векови, дека македонскиот јазик е автентичен, како и дека во Бугарија живеат Македонци (национално малцинство).

– Ако се тргне од тие позиции, тогаш може да се разговара за други прашања и да се дадат гаранции дека немаме никакви територијални барања и претензии, дека не се мешаме во внатрешните работи на Бугарија, дека сакаме да се олесни движењето на граѓаните (границата да се минува само со лични карти), инфраструктурно да се поврземе, да се отвориме за слободно движење на капиталот, да ја продлабочиме соработката во областа на безбедноста и на одбраната, во здравството, во образованието, во туризмот итн. Малцинствата во нашата земја и Македонците кои живеат во соседните држави, треба да се мост за подобро меѓусебно разбирање и почитување на различностите, нагласуваат од Демократски сојуз.

Во тој контекст, Демократскиот сојуз повикува на претпазливост за било какви нови договори или „патокази” кои на било каков начин долгорочно ќе го доведат во прашање македонскиот идентитет. Да не се направи грешка која ќе ја платиме со губење на државата, затоа што нема држава без народ, јазик, територија и суверено владеење.

– Демократскиот сојуз е цврсто определен за европски вредности, за полноправно членство во ЕУ, за добрососедски односи со сите соседи, за меѓусебно почитување и соработка, но сакаме да нагласиме дека претстојниот месец декември не е крај на светот, за да мораме да одржиме меѓувладина конференција со ЕУ. Има време за се, само треба да се реформираме, да воспоставиме нов систем на вредности и законите да важат за сите подеднакво, порачуваат од партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот