Демократски кандидат за мандатар или централистички премиер?

Мора да признаам дека требаше два-три пати да ја прочитам изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за да разбирам каде му била поентата. Прво размислував за Изборниот законик, како парче хартија (како што вели тој), и второ за етиката и за моралот.

Што се однесува до Изборниот законик, не е толку тешко да се дојде до иновации, бидејќи последните години е воспоставена една антиуставна практика, што и ако предвидувате да изберете еден селски кмет, бездруго ќе предложите еден пратеник да биде член на комисијата за избор! Така, по многу „праведен пристап“, избравме досега сенешто. Предлагам дури и кога ќе се одржуваат натпревари за прогласување најубав петел во едно село, бездруго претседател на изборната комисија да биде и пратеникот на таа изборна единица! Но, проблем останува Уставот, ако Мицкоски мисли на законитоста и уставноста. Уставот ова прашање го има регулирано на добар начин и само треба да се спроведува во духот на регулираното.

Ако тој мисли на второто, т.е. моралот и етиката, тоа е сосема друго. Законски тоа може да се регулира така што Христијан Мицкоски, како поборник на оваа идеја, треба да го прифати (и неговите пратеници го гласат) предлог-законот за една изборна единица и со отворени листи. Овој закон, според него и за спикерот на Собранието, Талат Џафери, е неприфатлив, затоа што едниот се залага за мнозински систем на гласање, додека другиот затоа што „нема време“ за такви законски промени, а трет пред два месеца изјави дека граѓаните „се неписмени“ и треба да ги научиме како да гласаат со отворени листи. Компромисот беше следен: да ги описмениме граѓаните како да гласаат и како експеримент да го воведеме на следните локални избори (како помалку важни!).

Како да го примиме фактот дека граѓаните сега, по 28 години плуралистички систем на гласање, толку „одлично“ знаат да гласаат што излегува дека во само една изборна единица се избројани околу 13 илјади неважечки гласови! Знаете ли зошто е така?

Во 1990 година, ливчињата ги броеја припадниците на граѓанското општество, а сега припадници на партијата. Сега е јасно дека една политичка партија има „стручен“ фонд на околу 2.000 гласачи за броење во такви ситуации, кои државата ги плаќа без еден ден работа, а другите ги брка ако само три дена се отсутни од работа. Молам да споредите: во изборната единица 72 во Тетово, во 1990 година имаше само 13 неважечки ливчиња. А сега?

Морално и етички тој избор со ваков изборен модел не е можен. Ако во ВМРО-ДПМНЕ или која било друга партија, во која претседателот е во улога на султан, тоа е невозможно. Нека се отвори ова како внатрешнопартиска одлука, па ќе видиме дека сите тие што го опкружуваат претседателот ќе работат и навиваат Мицкоски да биде кандидат за мандатар (со многу суперлативи), а не некој друг, затоа што нивното рангирање на листата ќе зависи од поединечното полтронство на тие кои сакаат да бидат кандидати за пратеници.

Еве, јавно го повикувам господин Христијан Мицкоски (да го исфрли личниот страв) да се залага за отворени листи, неговата замисла останува реалност: кој од кандидатите на листата на ВМРО-ДПМНЕ ќе има најмногу гласови, тој ќе биде кандидат за мандатар. Како пример ќе го наведам само овој факт: иако Изборниот законик тоа не го бараше на последните парламентарни избори на Косово, партиите излегоа со предизборни кандидати за мандатари. Сите политички партии, освен ЛДК (Демократскиот сојуз на Косово), излегоа со имињата на нивните претседатели за кандидати за мандатари. Само ДСК излезе со името на Вјоса Османи, која како компромисно партиско решение стана кандидат за премиер-мандатар. Резултатите на отворените листи покажаа дека ниту претседателот на ДПК – Демократска партија на Косово (Кадри Весели), ниту Лимај ниту Пацоли биле најгласани на списоците на нивните партии. Исклучок од ова правило беше само Албин Курти, кој беше најизгласан на ниво на целата држава.

Господине Мицкоски, отворено ќе гласам за Вас како храбар политичар ако го поддржите предлогот за една изборна единица и отворени листи. Еве, тоа е иновација! Ќе дадете голем придонес за демократизацијата на Република Македонија.

Што се однесува до мнозинскиот систем на гласање – само во едно ќе се согласам со Мицкоски: тој е подемократски, бидејќи акцентот го става на поединецот, а не на партијата. Така бев избран и јас како пратеник тогаш. Што е најнегативната страна на овој систем? Како (кога велите дека нема време) Вие и Талат Џафери ќе ги скицирате 120-те изборни единици со приближно ист број гласачи, како ќе им овозможите на регионите праведно етничко, партиско, религиско претставување во Собранието? Дали сте информирани дека тој систем е запоставен поради јасното дискриминаторно етничко претставување во изборни единици со 5.000 и 18.000 гласачи, компарирано меѓу единиците. Дали знаете дека Македонија по препорака на ОБСЕ го напушти тој систем на гласање?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот