Демократска реприза на насилниот акт против државата

Димитар Димитров/ Фото: Скриншот

Сѐ е поставено „тумбе“ со „новото парламентарно мнозинство“. Партијата гонета за криминал и корупција, организира „света војна“ против криминалот и корупцијата на СДСМ и на ДУИ! А лекот го гледа во промптно соборување на нивната власт. И тука се кријат многу недоречености.

Пораката од насловот е дека интерпелацијата за изгласување недоверба на Владата претставува обид, на легален начин, да се постигне целта што не се постигна на нелегален начин – со насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, инкриминиран од Обвинителството како терористички акт против уставното уредување. За организација на насилството уште им се суди на тогашниот лидер на ВМ Револуционерна организација – Демократска партија МНЕ и на претседателот на Собранието.

Симптоматично е дека и кога била на власт, оваа партија применила насилство (при истиот лидер и истиот претседател на Собранието), со физичко исфрлање од пленарната сала на пратениците од, тогаш, опозициската СДСМ на 24 декември 2012 година. Иако тоа, тогаш, немаше кој да го санкционира, но само по себе ја бележи таа власт како режим.

Кога во 2017 требаше да се изврши, саморазбирлив, мирен трансфер на власта кон коалицијата на СДСМ и ДУИ, пак се пројави внатрешната природа на партијата како револуционерна организација. Уследи полугодишна, колку легална, толку нелегитимна саботажа на конституирањето на собраниското мнозинство. Па, во моментот кога тоа се случи, фазата со процедурални опструкции помина во насилничка фаза. Собранието се претвори во арена на масовен уличен линч на пратеници и новинари.

Литературна и графичка увертира имаше во обидот за уставен преврат во обвинувања на меѓународната заедница како антимакедонска, во закани кон нејзини легитимни претставници во Македонија, во некролози на западни амбасадори. Дури, експлицитно се навести и „Ноќ на долгите ножеви“!

Во времето на насилството имаме состојба на реален режим, при кој државата е „заробена“ (квалификација на меѓународната заедница) и, од друга страна, програма на парламентарна држава која победи на демократските избори. Ако за втората страна во тој момент можеше да се зборува хипотетички, првата беше проверена/потврдена/истрпена до болка, до национално и човечко понижување.

За кратко време, историски гледано, преку ноќ, заробената држава излезе од пештерата на изолационизмот, на ксенофобијата и, од таа балканска егзотика, се вивна на регионалното и на европското небо како „галеб на мирот“. Постигна реноме на европска парадигма, со примерен баланс на меѓуетничките односи внатре, со добрососедски односи во регионот, посветена на европската идеја. Веќе членка на НАТО и на црвен ќилим послан пред ЕУ.

Сега, една таква конкретна држава стои зад СДСМ и ДУИ. Револуционерната организација (така е најсоодветно да се именува ВМРО-ДПМНЕ), и по неуспехот со превратот, за целото време, ниеднаш не се обиде да конкурира со идеи за поизгледни решенија за што било, туку практикува перманентна деструкција. Ги саботираше договорите со Бугарија и со Грција, го саботираше Законот за јазиците. Во сите системи актуелната власт чекореше влечејќи пранги од наследството на револуционерната организација, кое дејствуваше по законот на инерцијата и преку инсталации на нејзини кадровски структури.

Така што таа (револуционерната организација) има сопствен удел во потфрлањето на власта, па е најмалку напросто непристојно, сите атрибути на груевизмот, луѓе кои се судат за криминал и корупција, да ги сумираат под „заевизам“. И не само да се изедначат Заев и Груевски во режим, туку Заев да биде персонификација на режим, а Груевски да се избрише од меморијата – иако, имено, тој зборува и дејствува низ маската на Христијан Мицкоски. Тој багаж е револуционерната организација – не е нешто кое Мицкоски го донесува од иднината!

Сѐ е поставено „тумбе“ со „новото парламентарно мнозинство“. Партијата гонета за криминал и корупција, организира „света војна“ против криминалот и корупцијата на СДСМ и на ДУИ! А лекот го гледа во промптно соборување на нивната власт. И тука се кријат многу недоречености.

Прво, аргументот на иницијативата… Победата на револуционерната организација на локалните избори, не значи идентификација на гласачите со „заробената држава“. Напротив, можеби пресудна улога одигра блокадата на евроинтеграцијата, условена од (анти)бугарското вето. Тоа што настана застој на подвигот на СДСМ и на ДУИ, а против кој револуционерната организација и со овој чин се бори, не ја легитимира иницијативата.

Второ, криминалот и корупцијата имаа смртен непријател во владеењето на правото. По таа основа, споредбите не се во полза на револуционерната организација. Ни според обемот на престапите, ни според нивното санкционирање. Смешно е да се споредува Рашковски со Груевски или со Мијалков! А, Рашковски се санкционира при „негова“ власт, додека другите двајца со интервенција на меѓународната заедница.

Трето, криминалот и корупцијата не можат да бидат целосна diferentia specifica на актуелната власт, како што е на груевизмот. Власта чие уривање се подготвува, ја краси евроатланстката аура. При револуционерната организација криминалот и корупцијата се сѐ. Нема држава.

Четврто, методот… Ретко хетерогени политички субјекти, свесни дека не можат да врзат заедничка стратегија, се договараат само за првиот чекор – да се мавнат Заев и Ахмети! (А мојата сопруга ја учеше нашата внука: „Кога се качуваш на црешата, мисли како ќе се симнуваш.“) Занесен околу првиот чекор, Мицкоски загатна дека сега не е време да се мисли, на пример, за 27-от чекор. И го разбуди Фројд: бројот 27 е судбински врзан за насилството насочено против државата!

Петто… (Историската) ВМРО беше државотворно движење. Со жртви на неколку генерации, стигна до тоа, да стане „релевантен политички фактор на Балканот“ (Енциклопедија Британика). Да дојде на чекор до држава. Тој чекор им се падна во удел на партизаните. А вашата, „вмровци“, на почетокот и партија на моето семејство, се вложи во етаблрањето на нашата самостојна држава. Сега сте во искушение, со Заев и Ахмети, да ја урнете и прекрасната држава, зад која, објективно, тие стојат и која ја заслужи почитта на строгата Холандија, чиј премиер Руте ни гостува пред гласањето за недоверба, како противтежа на непромислената методологија.

Шесто… Беса, Алијансата на Албанците, Алтернатива, сите застануваат зад револуционерната организација за да го казнат криминалот и корупцијата на ДУИ. Но ДУИ има двојно подолг стаж во претходната коалиција со револуционерната организација. А таму беше бесперспективна држава, а сега, во коалицијата со СДСМ, стои држава ситуирана во евроатлантската перспектива. Тоа е и перспектива на владеењето на право, кое е вистинскиот метод за сузбивање на криминалот и корупцијата. Може да се чини чудно, но ДУИ, исто и СДСМ, работат пореално против сопствениот криминал и корупција, определени за стратегијата на владеењето на правото, отколку револуционерната организација, која е во биолошка борба против владеењето на правото. Па мотивот на нејзината иницијатива за соборување на СДСМ и на ДУИ е – криминалот и корупцијата!

Седмо, стратегиските импликации… Методот да се скокне во вирот, па после да се мисли што да се прави понатаму, е рамен на народната мудрост: „Од готово – вересија“. Ова личи на кукавички пакт на скриена стратегија, која не може отворено да се декларира пред јавноста, па се води под превезот против „заевизмот“. „Заевизмот“ не може да се двои од преуспешната евроатлантска Македонија. Револуционерната организација се противставува(ше) на сите постапки што ја посредуваа таквата Македонија. Како може да се очекува таа да ја одржува на тој курс или да ја унапредува?

Е па, почитувани пратеници од опозицијата, додека се токмите да скокнете во вирот, државата Македонија, полна со мајчинска љубов, ви вика: „Внимавајте да не се удавите!“

Видео на денот