ДЕМОКРАТИТЕ ОБВИНУВААТ: Трамп „збесна“ на состанокот за Сирија и нема план за справување со Исламска држава – Слободен печат
ВестиПланета

ДЕМОКРАТИТЕ ОБВИНУВААТ: Трамп „збесна“ на состанокот за Сирија и нема план за справување со Исламска држава

На прес-конференција одржана веднаш по состанокот, лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер, рече дека претседателот го претворил состанокот во „силен и горчлив напад“ кон спикерката Ненси Пелоси.

Членови на демократската партија во САД тврдат дека американскиот претседател Доналд Трамп „збеснал“ на состанокот во Белата куќа, организиран поради случувањата во Сирија, објави британски „Индепендент“.

На пресконференција одржана веднаш по состанокот, лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер, кој е демократ од Њујорк, рече дека претседателот го претворил состанокот во „силен и горчлив напад“ кон спикерката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси.

– Трамп ги навредуваше сите, а особено спикерката Пелоси. Тој ја нарече политичарка од трета класа. Ова не беше дијалог, ова беше еден вид на личен напад. Претседателот не беше фокусиран на фактите, особено на оние факти за тоа како да се запре Исламска држава – рече Шумер.

Лидерот на мнозинството Стени Хојер рече дека демократите биле „длабоко навредени“ од коментарите на претседателот и излегле од состанокот.

Пелоси откри дека Белата куќа откажала класифициран брифинг кој бил закажан за денес околу последните настани во Сирија. Таа додаде дека откажувањето на состанокот не им дозволува на членовите на Конгресот да дознаат за „опасната ситуација“ предизвикана од претседателот Трамп со повлекувањето на трупите од регионот.

Брзо по состанокот, на социјалните мрежи се појави писмо кое наводно американскиот претседател Доналд Трамп на 9 октомври, на денот на почетокот на турската акција во североисточна Сирија, му го испратил на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој во ова писмо го предупредува Ердоган, велејќи дека доколку ситуацијата во Сирија не биде решена на хуман начин, тој во историјата ќе биде запаметен како ѓавол.

На почетокот на краткото писмо, што на Твитер го објави новинарката на Фокс, Триш Реган, американскиот претседател на својот турски колега наводно му предлага да постигне „добар договор”.

Кратко пред состанокот, американскиот Дом на претставници убедливо изгласа резолуција за осуда на одлуката за повлекување на американските сили од северниот дел на Сирија, поддржана од двете партии. Резолуцијата исто така вели дека Турција треба да ги прекине сите воени дејствија во Сирија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close