Демократите го повикаа Болтон да сведочи во истрагата за импичмент на Трамп

Демократите во Претставничкиот дом го повикаа и поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон следната недела да сведочи во истрагата за отповикување на претседателот Доналд Трамп, пренесе денеска Гласот на Америка.
Неколку други сведоци веќе посочиле дека Болтон бил длабоко вознемирен од фактот дека личниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани, зад кулисите работел на тоа да ја притисне Украина да ги истражи демократите и кандидатот за претседателска номинација во 2020 година, Џо Бајден, за наводна корупција, за што всушност никогаш не се појавија докази.

Џулијани наводно водел, тоа што критичарите го нарекуваат „надворешна политика од сенка”, зад грбот на Стејт департментот. Болтон, според изјавите на некои сведоци, наводно овие постапки на Џулијани ги нарекол „ нарко дил” и кажал дека не сака да има ништо заедничко со тоа.

Трамп го отпушти Болтон минатиот месец, откако се судрија во врска со неколку надворешни прашања, вклучувајќи ја и Украина.

Од заминувањето од Белата куќа, Болтон не се појавуваше во јавноста, а неговиот адвокат изјави дека поранешниот амбасадор во ОН не е подготвен „доброволно да се појави пред Конгресот”, што значи дека одборите на Претставничкиот дом ќе мора да му упатат задолжителна покана за сослушување.

Претставничкиот дом, што е под контрола на демократите, одржува претреси зад затворени врати за да утврди дали има основа Трамп да биде отповикан од функцијата, бидејќи барал странска земја, во случајов Украина, да „ископа валканици” за неговиот политички лидер, со цел да му помогне да го освои вториот мандат.

Трамп наводно ја задржувал речиси 400 милиони долари вредната воена помош за Украина, условувајќи го претседателот Володомир Зеленски јавно да му вети дека ќе ги истражи Бајден и демократите.

Оваа истрага Трамп ја нарече нелегална, бидејќи Претставничкиот дом никогаш не гласал во полн состав за почнување формална истрага, иако не постои закон кој вели дека Претставничкиот дом тоа мора да го стори, наведува Гласот на Америка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот