Демократија во време на поделби

Џо Бајден и Камала Харис / Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Предизвикот за Џо Бајден ќе биде да ги увери повеќето американски граѓани дека им служи на нивните интереси

Изборот на Џо Бајден за претседател на САД е првата добра вест за борбените верници во либералната демократија и повоениот мултилатерален поредок од 2016 година наваму. Тој е пристоен човек со инстинктивно разбирање на најдобрите вредности за кои се залага Америка.

Под претпоставка дека нападот на Доналд Трамп врз изборниот процес нема да успее, Бајден ќе биде претседател. Тоа ќе биде огромно олеснување. Но глупаво е да се замисли дека делбите што ги произведе Трамп се поразени.

Во поширок контекст, либералната демократија ќе остане под закана, во САД и на други места. Доказите за оваа реалност се, за жал, јасни. Истражувањата на Центарот за иднината на демократијата на Универзитетот во Кембриџ покажуваат пораст на глобалното незадоволство од демократијата уште пред финансиската криза во 2008 година. Растот на тоа незадоволство во демократиите каде што се говори англиски јазик, предводени од САД, е зачудувачки.

Застрашувачки, во 2020 година, меѓу земјите поголеми од еден милион луѓе, угледниот американски „тинк-тенк„ „Фридом хаус“ го рангираше квалитетот на американската демократија на 33-то место во светот, помеѓу Словачка и Аргентина. Со оглед на досието на г. Трамп, тоа не е изненадувачки. Уште повеќе, ова рангирање е направено пред неговиот обид да го прегази изборниот систем, јадрото на демократијата, со непоткрепените обвинувања за измама.

Рангирањето на демократиите според моделот на „Фридом хаус“ за 2020 г. – САД на скалата се наоѓаат меѓу Словачка и Аргентина

Способноста на Бајден да направи пресврт веројатно ќе биде ограничена, иако тој сигурно ќе посака тоа да го стори. Бајден сигурно ќе се соочи со неодговорниот отпор на републиканците во Конгресот, кои ќе се обидат тој и федералната влада да не успеат во нивните намери, слично на она што го правеа за време на претседателството на Барак Обама.

Покрај тоа, иако г. Трамп може (а и не мора) да го снема, неговиот владејачки брак помеѓу плутократијата, од една страна, и народниот популизам со социјални елементи, од друга, гарантира дека некоја верзија на „трампизмот“ за подолго време ќе остане идеологија на Републиканската партија. Ова е единствената одржлива стратегија за партија, како Републиканската, која е посветена на зачувување на ниски даноци и на неограничена конкуренција во шаренолика демократија во која владее висока нееднаквост.

Незадоволството од демократијата силно е пораснато во големите демократии кои зборуваат англиски јазик (од 1995-2020, во % на одговорите на испитаниците)

Од клучно значење за успехот на оваа партија е зачувувањето на мнозинството во Врховниот суд посветен на истите цели, воден од заблудата на „оригинализмот“.Во такви услови е веројатно дека ништо суштинско нема да се промени во американската политика за време на претседателството на Бајден. Покрај тоа, тврдењата за украдени избори долго ќе одекнуваат во базата на г. Трамп. Особено ако раководството на Републиканската партија го спречи Бајден да постигне економски успех, шансите за враќање на „трампизмот“, па дури и на самиот Трамп, се изгледни.Ова, сепак, не значи дека Бајден нема да може ништо да направи. Напротив, овластувањата на претседателот се огромни, и на меѓународно ниво и (иако помалку) дома, па дури иако Врховниот суд може да му одземе на претседателот некои од регулаторните овластувања за кои се сметаше дека ги има.

Непосреден предизвик ќе биде епидемијата со ковид-19. Бајден можеби има среќа. Ако ветувањето за вакцина се оствари, тој може да ужива во рана победа. Сепак, се чини дека демократите нема да го надминат успехот на плуто-популистичката стратегија, делумно затоа што и самите се наоѓаат во слична ситуација. И демократите зависат од донациите од богатите, кои генерално не се ентузијасти за воведување повисоки даноци или поагресивна регулатива. Остатокот од активната демократска изборна база – разбудениот граѓански активизам и етничките малцинства – најверојатно ќе го задржат активното незадоволство кај најголемиот дел од Трамповата коалиција на евангелисти и белци, кои немаат повисоко образование.

Фигури од Доналд Трамп и Џо Бајден се изложени во продавница за сувернири во Њујорк, САД/11 ноември 2020/ Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Улогата на парите во американската политика е од фундаментално значење. Неодамнешното ажурирање на претходните истражувања, објавено од страна на Институтот за ново економско размислување, потврдува дека ставовите на малиот процент најбогати меѓу населението во голема мера ја одредуваат политиката. Но, неизбежните фрустрации на останатите им ги даваат на партиите нивните страствени гласачки бази.Успешната демократија претставува далеку повеќе од обичен збир на институции. Мора да се почувствува дека државата им служи за интересите на мнозинството граѓани. Тие, пак, граѓаните, мора да го споделуваат патриотизмот – како љубов кон земјата што ги надминува социјалните разлики, нивните политички верувања и економскиот интерес. Бајден се залага за ова.

Но дали екстремистите можат да го чувствуваат истото за нивните противници?Ако е неразумно да се очекува каква било трансформација во домашната политичка шема, што е со улогата на САД во светот? Тука промените може да бидат поголеми. Очекувам претседателството на Бајден да се обиде да го заживее сојузот на интереси и вредности со другите напредни, богати демократии, особено во Европа.

Очекувам брутално да му биде ставено до знаење на британскиот премиер дека би било мудро од негова страна да ги задржи пријателските односи со ЕУ. Очекувам дека тоа ќе ги врати рускиот претседател и неговите идеолошки апологети во Централна и Источна Европа во кутијата со назнака „непријателски“. Очекувам и дека Бајден ќе се обиде да создаде ангажирана, но сепак тешка врска со Кина во контекст на еден реалистичен мултилатерализам. Помалку сум сигурен дека ќе биде можно да се управуваат клучните односи на суперсилите без сериозен ризик од конфликт.

Некако, САД и Кина мора да научат како, истовремено, да се конфронтираат, да се натпреваруваат и да соработуваат. Особено важен ќе биде договорот за климатските промени. Под водство на Трамп, другите, особено Кина, уживаа во слободата на однесувањето по ова прашање, ветувајќи јаглеродна чистота со многу децении во иднина, додека денес избезумено градат централи на јаглен. Но, ова ќе бара од САД да ја забрзаат сопствената зелена трансформација. Можноста постои.

Но, и тоа веројатно ќе бара одредена соработка со Конгресот. Како што стојат работите денес, таквата соработка изгледа малку веројатна.Вистинскиот одговор на изборот на Бајден е одржување на надеж, но без наивност. Трамп до уништување ја тестираше идејата дека осамена суперсила решена да го наруши глобалниот поредок може да направи многу повеќе од само уништување на сопствената репутација.

Бајден може да постигне многу подобри нешта од тоа, но длабоките конфликти ќе траат, и дома и во странство. Неговото претседателствување може да заврши како кусо, разочарувачко земање здив. Многу се надевам дека нема така да биде. Но, неговата земја е длабоко поделена и предизвиците се огромни.


Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (14-15 ноември 2020) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот