Делта-варијантата е доминатна во Европа, да се зајакнат напорите да се спречи трансмисија

делта сој
Фото: Профимедиа

Делта-варијантата на Ковид-19, која ги загрижува властите, се шири брзо низ Европа и веќе е најдоминантниот сој во голем дел од регионот, покажуваат најновите податоци.

Според податоците пратени до СЗО Европа и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), помеѓу 28 јуни и 11 јули 2021, Делта-варијантата била доминантна во повеќето (19 земји) од 28 земји кои регистрираа доволно целосни информации за генетско секвенционирање. Од нив, 68,3 отсто од просечната пропорција на сите откриени изолации на вируси во национална секвенца биле Делта, со што ја надминала Алфа-варијантата, која претходно доминираше во регионот.

Како што е посочено, според тековните трендови, Делта-варијантата ќе стане доминантен сој во следниве месеци на глобално ниво и веќе е регистрирана во речиси сите европски земји. Таа ќе продолжи да се шири и ќе ги истисне од циркулација другите варијанти освен ако не се појави друг понатпреварувачки вирус.

Регионалниот директор на СЗО Европа, Ханс Клуге изјави дека сме далеку од прогласување крај на пандемијата.

– За жал, гледаме во многу земји во нашиот регион значаен пораст на бројот на случаи кои имаат врска со ширењето на Делта-варијантата, која е многу заразна. И покрај исклучителните напори на земјите-членки да ги вакцинираат жителите во регионот, милиони се уште се невакцинирани и со тоа тие се во ризик да бидат хоспитализирани, изјави Клуге.

Според него, добрата вест е дека двојна доза од вакцините значително го намалува ризикот на лоша клиничка слика и смрт.

– Ако се повикани, луѓето треба да одат да се вакцинираат, потенцира Клуге.

Директорката на ЕЦДЦ, Андреа Амон вели дека „треба да останаме многу внимателни и многу разумни за да го спречиме ширењето на вирусот”.

Според неа, тоа значи целосна вакцинација со две дози веднаш штом се појави можност, како и физичко дистанцирање, миење раце, избегнување места каде има многу луѓе и носење маска кога е потребно.

– Ова се мерките за кои знаеме дека функционираат за да се заштитиме себеси и другите. Треба да ги сметаме како мерки против „затворање” бидејќи дејствуваат во спречувањето на ширењето на болеста без да треба да се затвора голем дел од општеството, изјави Амон.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот