Делата на кандидатите за наградата „Денес 2022“ се претставени во „Мала станица“

Организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФРУ)“ – Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма „Residency Unlimited“ (RU), Њујорк, и фондацијата „Trust for Mutual Understanding“, Њујорк, по шеснаесетти пат го организира процесот за доделување на наградата „Денес 2022“ за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години.

Презентации на четворицата уметници – финалисти Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова и Зоран Шекеров, се одржаа на 22 јуни во Националната галерија, мултимедијален центар „Мала станица“, додека на 23 јуни, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата на четворицата финалисти и ќе биде објавен добитникот/чката на наградата.

Наградата „Денес“ се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, како единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид.

Оваа значајна и независна награда подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк, во „Residency Unlimited“ (RU), во 2022 година, но и овозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со интернационална жири-комисија и да продуцираат дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата. Добитникот/добитничката на наградата добива двомесечен престој во Њујорк во „Residency Unlimited“ (RU).

Жири-комисијата за XVI награда „Денес“ е составена од: Вивијана Ќеќија (Лондон), кураторка и истражувачка, кураторка за резиденции и јавни програми во „Делфина фондацијата“, Лондон; Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметничка и добитничка на наградата „Денес“ во 2021 година; Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопje викенд на гордоста“, интердисциплинарен фестивал за квир уметности, култура и теорија; Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово, и Лилија Куделија (Киев/ Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на „Residency Unlimited“ (RU) во Њујорк.

Дарко Алексовски (1989 година) е визуелен уметник чија практика се формира на пресекот помеѓу слики и текст. Неговите досегашни проекти вклучуваат интерес за различни визуелни јазици и долгорочни истражувачки процеси, како и интерес за релациите кои се формираат помеѓу личните и колективните сеќавања. Алексовски завршил додипломски и постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а моментално живее и работи во Велес.

Ивана Мирчевска (1992 година) е визуелна уметничка и истражувачка која работи преку слики во движење, текст и инсталација. Нејзиното истражување произлегува од спојот помеѓу технологиите на визуелизација и просторната конфигурација на погледот и телото. Ивана има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство (2015 година) и магистрирано на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија (2018 година).

Нејзините неодамнешни дела и ангажмани вклучуваат: уметничка книга „At an angle of 45 degrees“, издадена во соработка со „Приватен принт“, „Медиум пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ во Галерија „Ко-Ра“ (2021 година), „Notes from surfacing: At an angle of 45 degrees“ во Студио „Приватен принт“ (2021 година), како и колаборативните проекти: „Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро“ во Галерија МКЦ (2021 година) и „Ничии прагови конкретно“ во Галерија МКЦ (2020 година).

Кристина Пулејкова (1988 година) е уметничка, со седиште помеѓу Скопје и Лондон, чија интердисциплинарна практика е заснована на науката и технологијата. Делото на Кристина го истражува начинот како употребата на технологијата може да доведе до поголеми облици на одржливост во односите човек-природа.

Преку употребата на извонредна технологија, делата на Кристина честопати се занимаваат со прашања од животната средина, притоа раскажувајќи лични приказни што ја ставаат публиката во центарот на сцената, овозможувајќи протагонистички пристап и поинаков начин на гледање на нештата. Кристина има магистерска диплома по сликарство и анимација од Универзитетот за применета уметност, Виена, Австрија, и магистерска диплома по уметност и наука од „Central Saint Martins“, Лондон.

Зоран Шекеров (1992 година) е визуелен уметник кој живее и работи во Скопје. Дипломирал на Катедрата за фотографија на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје. Неговата практика вклучува долгорочни креативни истражувачки проекти во полето на фотографијата кои се соочуваат со човечката состојба во даден социополитички контекст и ги испитуваат прашањата за идентитетот, патриотизмот и носталгијата.

Неговиот документаристички стил ги спојува формата и чувствата, сеќавањата и верувањата. Во соработка со издавачот на уметнички книги од Скопје, „Приватен принт“, Шекеров ја објави „Folded“, фото-книга фокусирана на телата и ритуалите на Пеливаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот