Дел од зеленилото во Скопје сѐ уште се наводнува со цистерни

Од ЈП „Паркови и зеленило“ информираат дека новиот летен расад произведен во нивните расадници од над 350.000 коренчиња веќе започнале да гo расадуваат низ сите општини во градот.

Сите новоподигнати зелени површини во Скопје се наводнуваат со инсталиран систем „капка по капка“. На овој начин, надлежните за одржување на јавното градско зеленило, овозможуваат континуиран доток на вода до растенијата со што се интензивира нивниот раст. На местата каде што во минатото не се инсталирал системот „капка по капка“, зеленилото во Скопје сѐ уште се наводнува со прскалки или со хидранти, а дел од зеленилото со одржува со вода која се носи во цистерни.

– На сите новоподигнати зелени површини, наводнувањето на зеленилото го вршиме со инсталиран систем за полевање „капка по капка“. Кај најголем број од останатиот дел од јавните зелени површини наводнувањето се врши или со прскалки или со хидранти или со систем за полевање „капка по капка“. Тука, би напоменале дека многу е мал делот од градското зеленило без вода за полевање, но на овие делови полевањето на зеленилото и садниците го вршиме со цистерна – велат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Кога станува збор за водата што се користи за наводнување на јавното градско зеленило, на територија на Скопје сѐ уште секојдневно за таа намена се користат поголеми количини на пивка вода.

-Во Градскиот парк и зеленилото во Општина Аеродром полевањето го вршиме со вода од бунари, додека низ другите јавни зелени површини полевањето е со вода од градската водоводна мрежа – објаснуваат од ова јавно претпријатие.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ информираат дека новиот летен расад произведен во нивните расадници од над 350.000 коренчиња веќе започнале да ги расадуваат низ сите општини во градот.

– Во изминатиов период посветено сме насочени на подигање нови зелени површини во градот и нивно уредување. Внесувајќи новини во хортикултурното уредување низ градското зеленило од новоподигнатите зелени плоштади,  коридори и скверови, би ги издвоиле: зелен плоштад на булеварот Партизански одреди кон улицата Шекспирова, зелен плоштад помеѓу булеварот Х.Т. Карпош и улицата Крсте Асенов, зелен плоштад на улицата Џон Кенеди пред зграда 9 и 11, зелен плоштад помеѓу улицата Џон Кенеди и улицата Цветан Димов, околу Гинекологија Чаир, зелен сквер на  булеварот М.Т. Гологанов-Млин Балкан, кружен тек и странични коридори  на улицата Кемал Сејфула и улицата Втора Македонска бригада, зелен коридор на булеварот Никола Карев клучка Детелинка, зелен плоштад на булеварот Трета Македонска бригада, булеварот АСНОМ и булеварот Јане Сандански и други – информираат од јавното претпријатие.

Кога станува збор за активностите за одржување, кастрење и сечење на високата вегетација, според надлежните, тие се одвиваат по утврдена програма за работа.

-Секако, во одредени ситуации по добиени барања за кастрење од правни и физички лица, екипите вршат интервенции. Тука би ги издвоиле и оние неопходни интервенции за време на временски непогоди и потребата од навремени интервенции во расчистување на теренот за непречено одвивање на сообраќајот. Исто така, би ги споменале и акциите за кастрење на крошните на дрвјата во должина на булеварите и велосипедските патеки, кои во соработка со ЈСП „Скопје“ и Град Скопје, ги спроведуваме за поголема видливост и непречено движење на возилата и велосипедистите – велат од ЈП „Паркови и зеленило“.

 

Видео на денот