Дел од Неготино без струја по невремето, деблокиран патот Дуброво – Војшанци

Фото: Скриншот, Фејсбук

Деблокиран е патот Дуброво – Војшанци, што беше блокиран поради невремето од дожд и ветер што попладнево го зафати Неготино, во Тимјаник и натаму нема струја поради паднати столбови, потврди за МИА неготинскиот градоначалник Горан Стојанов.

Тој повтори дека невремето однесе повеќе покриви од куќи во општината. За утре најави формирање на Комисија за проценка на штети со цел обесштетување на сите оние кои имаат последици од невремето.

„Точно е, без покрив останаа неколку куќи во населбата Саат кула и на други локации во градот, неколку во селото Тимјаник. Неготинските пожарникари и комунални работници, заедно со кавадаречки пожарникари кои дојдоа на помош, ги средуваат последиците од паднатите дрвја на неколку локации во општината“, појасни Стојанов.

Градоначалникот Стојанов рече дека заедно со претставници на стручни служби е на терен и се врши увид на местото.

Торнадо му се случи на Неготино, вртлог, рекоа од ЦУК за МИА.

„Нашите информации велат дека вакво нешто одамна се нема случено во Неготино. Тешки последици предизвикало невремето кое траело само дваесетина минути. Било со огромна јачина и двапати го менувало правецот. Северно, па југозападно и пак северно. Со себе носело делови од кровни конструкции, дрвја, бандери со ниско напонски дел и жици, уништени и однесени биле лимени и пластични конструкции. Само уште пет до десет минути да потраело невремето, не дај Боже, би било вистинска катастрофа за Неготино“, рече Горан Стојановски, раководител на Сектор за операции и координација при ЦУК.

Тој нагласи дека дополнително ќе се утврдуваат штети, меѓу другото и кај земјоделските култури.

Повеќе неготинци пријавиле штети од невремето, пожарникарите интервенираат на терен.

„Од раководителот на РЦУК Неготино сме известени дека од 16.10 до 16.30 часот општината Неготино ја зафати силно невреме проследено со ветер и пороен дожд. Од ТППЕ Неготино сме известени дека има пријавено повеќе штети од граѓаните. Интервенирано е, ТППЕ Неготино интервенира на најкритичните места кои се погодени од невремето, има искорнати дрвја, паднати бандери, оштетни покриви од куќите и поплавени домови, информираат од Центарот за управување со кризи.

На прашање од МИА, од Електродистрибуција одговорија дека во селото Тимјаник се паднати неколку столбови поради невремето кое го зафати неготинскиот регион.

„Екипите на Електродистрибуција се на терен со цел санација на настанатите дефекти“, изјавија од Електродистрибуција за МИА, по информациите дека нема струја во Тимјаник.

Видео на денот