Дефинитивен крај на ерата на Абрамович, одобрена продажбата на Челси

Роман Абрамович 19 години беше сопственик на Челси/ фото: EPA/FACUNDO ARRIZABALAGA

Владата на Обединетото Кралство ја одобри продажбата на Челси на конзорциум од САД предводен од милијардерот Тод Боли. Конзорциумот кој го предводи косопственикот на бејзбол тимот на Лос Анџелес доџерс, Тод Боли ќе плати 4.25 милијарди фунти за купување на Челси.

– Владата на Обединетото Кралство во вторникот вечерта одлучи да издаде дозвола за продажба на Челси – соопшти портпаролот на владата.

Претходно и Премиер лигата ја одобри продажбата со што завршува ерата на Роман Абрамович во Челси. Русинот 19 години беше сопственик на Челси и за тоа време „сините“ освоија 21 трофеј, од кои пет во Премиер лигата и два во Лигата на шампионите.

Парите од продажбата на Челси ќе одат на замрзната сметка што ја контролира владата и потоа ќе бидат уплатени во хуманитарни цели за помош на Украина.

Абрамович беше приморан да го продаде клубот поради неговата наводна соработка со руската влада за време на воената инвазија врз Украина. Фирми на Абрамович соработувале со руската влада во изработка на оружје кое потоа било користено во Укаина.

Владата на Обединетото Кралство на 10 март му воведе санкции на Абрамович, но на Челси му даде специјална дозвола со која можеше да ја заврши сезоната во Премиер лигата и во Лигата на шампионите. Лиценцата истекува на 31 мај и тоа е крајниот рок кога Челси мора да добие нови сопственици.

– По воведените санкции за Роман Абрамович, владата напорно работеше за да се осигура дека Челси ќе може да продолжи да игра фудбал. Постојано нагласувавме дека иднината на Челси може да биде сигурна само со нов сопственик. Исто така задоволни сме што Роман Абрамович или друго лице кое се наоѓа под санкции, нема да има корист од продажбата. Владата веднаш ќе започне процес со кој ќе се обезбеди средствата од продажбата на Челси да се користат во хуманитарни цели во Украина како поддршка за жртвите на војната – соопшти владата на Обединетото Кралство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот