Дефект на човечноста

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Во ова одмерување на интелигенции помеѓу вирусот и човекот, запрепастувачки избива фактот дека најглупави – во однос на коронавирусот – испаѓаат токму најнапредните и најискусните државишта, лидерите на „слободниот свет“ и на либералната демократија. Како е тоа можно?

„Човек со верба, со готово убедување, е човек што тешко се менува. Кажете му дека не се сложувате со неговото мислење и тој ќе се оддалечи од вас. Покажете му факти или бројки и тој ќе се посомнева во вашите извори. Повикајте се на здрав разум или логика и тој нема ниту да сфати што сте сакале да кажете.“ Ова се зборови на славниот професор по психологија на Станфорд Универзитетот Леон Фестингер, во цитат за кој ќе помислите дека ја коментира современата планетарна драма во врска со неверувањето во климатските промени или уште пострашната драма – во чијшто климакс е повторно нурнат целиот свет – со неверувањето во постоењето на пандемијата на ковид-19 или зловестиот вирус што ја предизвика.

Но, не, цитираните зборови на Фастингер се извлечени од објаснувањето на една негова општопозната студија од далечните педесетти години од минатиот век, што денес може да се смета за една од првите психолошки студии врз чиишто сознанија е изградена современата теорија за „мотивираното мислење“. Имено, современата неврологија веќе го воочи, измери и го докажа неверојатниот факт за начинот на кој човечкиот мозок го „процесира“ мислењето: секоја мисла што ја произведува мозокот е буквално преплавена со емоција, чувство или – како што тоа невропсихолозите го нарекуваат – со „афект“.

Задоцнет ум

Мислите и чувствата не само што не се нераздвојливи, туку овие вториве се секогаш – без грешка или исклучок – побрзи од мислата, па нашето позитивно или негативно чувство кон луѓето, стварите или идеите секогаш им претходат на нашите свесни промислувања, поради што имаат и клучно и пресудно влијание на нашите „рационални“ просудувања. Оваа ужасна научна вистина е, за жал, веќе измерена: во прашање се неколку милисекунди предност на емоциите пред свесната мисла, за коишто човекот никогаш не може да биде свесен, но коишто се доволни за да бидат непобитно измерени на современите електроенцефалограми (ЕЕГ).

Научниците го објаснуваат ова шокантно откритие – дека нашите свесни просудувања се неизбежно предерминирани од нашите емоции – како човекова базична еволутивна придобивка, како основна вештина на преживувањето, зашто низ стотиците милениуми од нашето еволутивно создавање нашите предци што живееле во многу понепријателска средина отколку ние денес, морале исклучително брзо да реагираат на надворешните случувања. Затоа, првин морала да падне емоционалната одлука – „бегство или борба“, а мислата – која е секогаш побавна – доаѓала потоа.

Жално е, меѓутоа, што оваа стара навика на човечкиот мозок, во денешно време – наместо на опасностите што го опкружуваат – тој ја применува на податоците и фактите за денешната стварност со кои се соочува, па излегува дека адреналинската одлука „да се бега ил да се лега“, што нашите предци ја применувале во контактот со нивните тогашни предатори, ние ја употребуваме во допирот до информациите што не опсипаат. И, со веќе сосем уредено чувство – некогаш во магновението на незнаен начин стокмено и зацементирано во мозокот – ние ги отфрламе информациите за кои чувствуваме(!) дека се непријателски, а ги прифаќаме само оние „пријателските“. Се разбира, додаваат невропсихолозите, ние не сме водени само од емоциите и да, секако – ние и размислуваме, резонираме и одлучуваме – но, нашето резонирање доаѓа секогаш подоцна, и тоа се случува побавно и – како што веќе рековме – целото е втопено во емоциите што веќе сме ги формирале порано. Ова е тажно но сурово вистинито објаснување за моќта на предрасудите што царува со хомо сапиенсот – со кобожем „разумниот човек“.

Секојдневно ја следам траекторијата и темпото на движењето на САРС-ков-2 по планетата, тој современ јавач на апокалипсата, и паралелно ги следам несоодветните, неконзистентните, честопати неразумните и неретко – и дури пречесто! – малоумните реакции на милиони луѓе и на нивните влади во справувањето со несреќата. Како може човек да го објасни очигледниот – и не помалку болен – факт дека оваа невидлива трошка проетин небаре испадна поинтелигентна од најинтелигентното животно на планетата, што толку охоло и арогантно себеси се нарекло sapiens – демек, разумен – одбирајќи го како карактеристично за себе токму својството што разочарувачки ретко се појавува кај примероците од овој животински вид. И, во ова одмерување на интелигенции помеѓу вирусот и човекот, запрепастувачки избива фактот дека најглупави – во однос на корона вирусот – испаѓаат токму најнапредните и најискусните државишта, лидерите на „слободниот свет“ и на либералната демократија. Како е тоа можно?

Епидемија на „деснило“

Без да навлегува човек во детали, болно и трагично очигледните факти и статистики говорат за себе: најстарата и најголемата европска империја – Италија, најголемата средновековна колонијална сила – Шпанија, најстарата современа демократија – Обединетото Кралство, најстарата светска современа демократија – САД, земјата на првата европска секуларна левичарска егалитаристичка револуција – Франција, најголемата демократија на светот – Индија, најголемата демократија на јужноамериканскиот континент – Бразил и земјата на најголемата левичарска револуција на сите времиња – Русија, се земјите чијашто државна и општествена интелигенција беше победена од невидливата и зловеста ронка протеин со грст генетски букви во својата крунеста обвивка. Како е тоа можно? Да не е тоа затоа што овие земји – сите качени на адмиралскиот брод на човештвото – се најчесто водени од конзервативни десничарски влади?

Но, Франција и Шпанија не можат да се пофалат со политичката епидемија на „деснило“ што очигледно ги совлада останатите. Што тогаш? Да не ќе да е нивниот слаб резултат во справувањето со микробот да се должи на фактот што сите овие држави се покажаа како вистински перјаници во нормативната дерегулација и културната дегенерација на 21-вековниот неолибералистички капитализам? Можеби.

Вие веќе се посомневавте во моето здравје, почитувани читатели, што до крајов на есејов не го спомнав нашето малоумно вемеро, особено кога се работи за невропсихолошки објаснувања на човековата глупост, хм? Глупавоста на нивната реакција на тешката несреќа што ја притиска се повеќе и библиската земја, е веќе пословична: и ден-денес тие не можат да ја препознаат колективната, националната катастрофа. Сѐ што прават е да го трујат јавниот медиумски простор со малоумие од кое најмногу од сѐ избива токму таа неспособност за промислување на една колективна несреќа што го надминува нивниот ментален досег, та тие ја пцујат владата со измислени, стари и лажни – потполно несоодветни за ситуацијата – пасквили, употребувајќи ги истите зборови и замислувајќи се себеси како да се СДСМ во време на владеењето на Груевски. Патетично глупо.

Но, општочовечкото објаснување од погоре – за доцнењето на мислата зад емоционалната предрасуда – не може да се примени на нив. За нив важи Бонхоферовата дефиниција на глупоста, напишана во Хитлеровата ќелија на смртта: глупоста не е последица на слаба интелигенција, лошо образование или воспитание. Не, според генијалниот Бонхофер, се работи за дефект на човечноста

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот