Деценија од сирискиот пекол

Неделава изминаа десет години откако режимот на Башар ал Асад беше соочен со барањата на младите Сиријци, кои понесени со „Арапската пролет“ од Тунис и Египет, бараа политички реформи, демократија, правда и слобода

Наполнија по десет години, а сите слики од нивното детство се поврзани исклучиво за војната, во која загинаа или се повредени 12.000 нивни врсници.

Ова е само дел од трагичната статистика на граѓанската војна што Сирија ја претвори во полигон на наметнување на големите и регионалните сили, кои ни денес не се во состојба да се договорат околу политичката иднина на некогаш стабилната и просперитетна земја.

Неделава изминаа десет години откако режимот на Башар ал Асад беше соочен со барањата на младите Сиријци, кои понесени со „Арапската пролет“ од Тунис и Египет, бараа политички реформи, демократија, правда и слобода.

Сигурен во способноста дека може да плови по немирни води, како што тоа го правеше неговиот татко Хафез од кого во 2000-тата ја наследи власта, Башар сметаше дека е безбеден, дури и недопирлив.

Чувството на сигурност дополнително се засели по десетте години на континуиран економски раст и значително зголемување на приходите на семејствата во најголемите градови. Многумина, како и претседателот кој како млад се школуваше за офталмолог во Лондон, веруваа дека Сирија е имуна на востание. На површина од земјата со сложена демографија и поделба помеѓу религиозните и секуларните, на сунити и шиити, Арапи и Курди, многу работи делуваа мирно, но причините за политичкиот и за социјалниот бунт се „крчкаа“ под површината.

Асад владееше репресивно, потпирајќи се на шиитското малцинство – Алавити, на кои им припаѓа неговото семејство, како и на војската и на тајната полиција. Агресивниот раст на дивиот капитализам придружен со либерализација на економијата и на јавниот сектор создаде моќна корупција и непотизам придонесувајќи на незадоволството.

Мартовската ерупција на народниот бес во 2011 година, веројатно го изненади режимот, но народот чекаше можност за да се ослободи од 40-годишната диктатура на Асадови. Одлучни и храбри, демонстрантите ги полнеа улиците и плоштадите, додека претседателот се потпираше на стравот и на хаосот на војската, која за разлика од примерите со Тунис и Египет, во најголема мера му остана верна во текот на сите години.

Како неделите проаѓаа, бруталноста на режимот се зголемуваше, а власта ги подбуцнуваше секташките поделби, идеолошкиот екстремизам и етничката тензија. И покрај необученоста и недостигот на оружје, делот на цивилите започна на сите начини да го брани тоа што се нарекуваше револуција. Мирните демонстрации метастазираа во граѓанска војна.

Резултатот е најкрвавиот конфликт на 21 век: најмалку 400.000 убиени, милион повредени и немилосрдно разурнување кое 12 милиони, половина од населението, го натера да ги напушти домовите барајќи засолниште по земјата или во странство. Создадена е најголемата бегалска криза во поновата историјата.

Исламска држава ја искористи неспособноста на Западот

Три години по почетокот на војната, бунтовниците контролираа 60 проценти од земјата. Изолираниот Асад ја губеше земјата под нозете и покрај воената помош што ја испраќаа Иран и либанската шиитска милиција Хезболах.

Западот главно се држеше пасивно. Се бараше заминувањето на Асад, но никогаш не се направи обид тој да биде соборен со сила, што придонесе до поделби на бунтовниците и зголемени регионални ривалства. Противниците на режимот – поддржани од САД, Турција и од земјите од Заливот – нудеа различни опции. Се покажа дека десетиците различни милиции освен уривањето на „раисот“, имаа спротивставени агенди.

Неслогата во редовите на опозицијата ѝ послужи на меѓународната заедница како оправдување за неправење ништо конфликтот да се запре, а неспособноста на бунтовниците да се обединат создаде вакуум што го привлече вниманието на екстремните џихадистички групи како Ал каеда и Исламска држава, кои се инфилтрираа во револуцијата.

Русија го задржа Асад на власт

Капитализирајќи на супериорните финансиски и организациски способности, Исламска држава воспостави калифат во 2015 година и на третина од сириската територија ги исфрли Асадовите и бунтовничките сили.

Изгледаше дека тоа ќе биде завршниот удар не само за режимот, туку и за Сирија, но тогаш во септември истата година уследи директна воена интервенција на Асадовиот најголем сојузник, Русија.

Тоа беше крајот на соништата на Западот за смена на режимот, а Москва јасно стави до знаење дека посакува да остане фактор во Сирија, но и на Блискиот Исток и пошироко. Со тоа дополнително се комплицираа интересните формули на големите и на регионалните сили.

Хаосот ги охрабри сириските Курди, кои на североистокот од земјата формираа сопствена администрација, добро соработуваа со Американците, а од време на време му се нудеа и на Асад. Таквиот развој ја предизвика Турција да испрати свои војници, кои во договорена соработка со Русија, ги блокираше врските на сириските Курди со „терористичката“ Работничка партија на Курдистан, која со децении на југоистокот на Турција војува со властите од Анкара.

Дипломатијата е посебно тажна приказна. Арапската лига и ООН интервенираа веднаш по избувнувањето на револуцијата. Советот за безбедност во 2011 година стави на гласање 42 резолуции за прекин на огнот и дефинирање на рамката за политички преговори. Русија и Кина 16 пати го искористија правото на вето, а усвоените резолуции се однесуваа исклучиво на испраќањето хуманитарна помош.

Во меѓувреме се формираа и два преговарачки процеса. Едниот во Женева под закрилата на ОН, а вториот во Астана, спонзориран од Русија, Турција и Иран. Години на преговори без никаков напредок во испишување на новата политичка иднина на Сирија.

Резимето по десет години е болно: политичка, економска и социјална криза се резултат на Асадовата непопустливост, некомпетентната и неорганизирана опозиција, растот на екстремизмот, регионалните ривалства и неспособноста на меѓународната заедница за интервенирање.

Асад е победникот во војната, одлучен да ја задржи власта и се надева дека на проблематичните претседателски избори во април-мај, ќе го добие четвртиот мандат и така конечно ќе ги убеди непријателите да се откажат од идејата за промена на режимот, но негова прва грижа повеќе не се заканите од бунтовничките групи и странски сили, кои и понатаму контролираат делови од Сирија. Асадовиот најголем предизвик е драматично разрушената земја, која тој не знае како да ја закрепне. Колапсот на националната фунта ги уништи платите, цените на основните производи експлодираа, а енергенсите, струјата, лебот и маслото за готвење хронично недостигаат. Повеќе од 12,5 милиони Сиријци, 60 проценти од населението е соочено со ризикот од глад, шест милиони се бездомници, 2,4 милиони деца од Сирија се надвор од училиштата, како и 750.000 од оние што се бегалци.

Пандемијата се шири во земјата во која болниците одамна престанаа да бидат зона на заштита, бомбардирани се или гранатирани најмалку 400 пати. Докторската плата падна на 50 долари месечно, а 70 проценти од здравствените работници побегна од земјата.

Меѓународните донации се далеку од сумата од 1.000 милијарди долари неопходни за реконструкција на уништената инфраструктура, на образованието и на здравството. Залудно папата Франциск, по повод 10-годишнината од војната, му апелира на светот да понуди барем „зрак на надеж.

Сирија каква што беше пред една деценија, повеќе не постои, а годините на војната и на сеопштиот кошмар, направија и да се променат приоритетите на народот. Првата грижа на невините жртви е враќањето на нормалноста, но мотивите што ги доведоа до револуцијата можеби и не се заборавени.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот