Децата од основните училишта дискриминирани – Општините не размислуваат да им набават прочистувачи на воздух, родителите сами се организираат

фото: Слободен печат

Проблемот со загадениот воздух не може да се реши преку ноќ, потребни се долгорочни мерки кои ќе ја подобрат ситуацијата, најчесто велат надлежните секогаш кога од нив се бара решавање на проблемот.

Во обид барем малку да се намали штетата предизвикана од отровниот воздух, општините уште минатата зима обезбедија прочистувачи на воздух за детските градинки, додека пак Град Скопје со прочистувачи ги опреми средните училишта. Единствени кои не ја добија привилегијата да дишат чист воздух, се учениците од основното образование. За нив општините немаат пари, иако дел од нив уште минатата година најавија дека откако ќе се набават прочистувачи на воздух за секоја занимална во градинките, ќе почнат да ги опремуваат и основните училишта, со цел да им се овозможи еднаков третман на сите деца.

Сепак, еднаков третман не добија сите деца

И, додека дел од родителите ќе почекаат општините да им овозможат почист воздух на нивните деца, барем додека се во училиште, дел од нив одлучуваат сами да ги обезбедат прочистувачите.

Таков е случајот во основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во Карпош, каде што на иницијатива на дел од родителите се собираат средства за оваа намена. И тоа станува збор за значителна сума од 500-1.000 денари од ученик, што е дополнителен трошок за родителите.

– Не знам зошто секогаш кога на училиштетот нешто му фали, мора ние родителите само да го обезбедуваме. Градинките и средните училишта добија прочистувачи на воздух, но што е со нашите деца во основните училишта. Не разбирам што му е толку тешко на градоначалникот, не само на нашиот, туку и на другите, да набават прочистувачи на воздух за училиштата, кога знаат дека воздухот е енормно загаден, а најлошото допрва доаѓа. Кај нас се така функционира. Нема телевизор, родителите купуваат, нема касетофон, родителите купуваат, нема шкафчиња, исто ние купуваме. До кога ќе тераме вака. Ова ли е бесплатно образование. Се тоа е дополнителен товар на домашниот буџет – вели револтирана мајка.

Ваква иницијатива веќе имало во неколку училишта во општина Центар. Таму со донација од родители набавени се два прочистувачи во ОУ „Ј. Х. Песталоци“, и три во ОУ „Киро Глигоров“, не информираат од општината. Покрај тоа, во ОУ „Коле Неделковски“ општината обезбедила 3, во ОУ „ Кочо Рацин“ има 6 прочистувачи за воздух додека во ОУ „Кирил и Методиј“ има 26 прочистувачи, донација од УСЈЕ. Училиштата „ Димитар Миладинов“, „11 Октомври“ и „Гоце Делчев“ немаат прочистувачи за воздух.

Градоначалниците воопшто не размислувале на таа тема

Состојбата е поразлична во другите општини. Таму, за разлика од општина Центар немаат обезбедено прочистувачи за воздух.

Градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев рече дека општината не размислувала на оваа тема.

– Искрен да бидам, не сме размислувале на оваа тема. Превенираме генерално загадување, во делот на дополнителни комунални редари кои ќе спречат палење на диви депонии ќе отвориме канцеларија каде граѓаните ќе можат да аплицираат за инвертери, во соработка со Владата.Тоа се генерални мерки за превенција од загадување. Градинките ги опремивме со прочистувачи од донации, така што не ја исклучувам можноста повторно да имаме таков повик – рече Богоев.

И Општина Ѓорче Петров засега не најавува поставување на прочистувачи на воздух во основните училишта.

– Со ребалансот на Буџетот кој беше донесен пред еден месец не беа предвидени средства за оваа намена, а новиот Буџет се уште не е креиран. По основ на донации, ќе се трудиме да обезбедиме почист воздух и за основците – велат од Ѓорче Петров.

Од општина Аеродром велат дека наскоро ќе почнат прочистувачи за воздух да поставуваат во просториите за дневен престој, во сите основни училишта во општината. Од таму потсетуваат дека сите занимални во секоја од градинките е опремена со прочистувач за воздух.

Од Општина Кисела Вода информираат дека во ООУ „Кузман Шапкарев“ во населбата Драчево преку соработката на Одделението за заштита на животната средина на Општина Кисела Вода, компанијата “Мулти Медија” поставила прочистувач на воздух, чии филтри штитат од ПМ1, ПМ2.5 и ПМ10 честички.

– Во периодот што следува Општина Кисела Вода ќе вложува максимални напори по пат на донации да обезбеди прочистувачи за воздух за сите основни училишта. Во програмата на Секторот за образование, предучилишно воспитување, култура и спорт предвиден е проект за набавка на прочистувачи, кои треба да се обезбедат по пат на донации и спонзорства од опшествено одговорни компании, велат од општината и додаваат дека обезбедиле 2.500 маски за заштита од загадениот воздух., за децата кои ги посетуваат градинките.

– Градинките повторно ќе добијат заштитни маски за децата и вработените – информираат од Кисела Вода.

Ниту основните училишта во Бутел немаат прочистувачи за воздух. Оттаму велат дека имаат во план да набават, а се надеваат и на донации од компании или институции за да се обезбедат потребните прочистувачи.

Докторите ги препорачуваат прочистувачите

Дали и колку успеваат прочистувачите за воздух навистина да го прочистат воздухот, а со тоа и позитивно да делуваат врз здравјето на децата, го прашавме доктор Ангелчо Андоновски, директор на Институтот за белодробни заболувања Козле, кој вели дека доколку се избере вистинскиот тип на прочистувач, истиот може да даде голем придонес во прочистување на просториите, а со тоа и во обезбедување подобро здравје на децата.

– Зависно од типот на прочистувачот, дали има хепа и електронски филтри, во зависност од неговата јачина и дали е соодветен за квадратурата, односно ако е професионален прочистувач, можам да кажам дека навистина прочистуваат – вели доктор Андоновски.

Доказ дека им верува на прочистувачите е и набавката на истите во секоја болничка просторија од клиниката.

– Во секоја болничка соба на Клиниката имаме поставено прочистувачи на воздух. Дел се обезбедени од Министерството за животна средина, а дел се донација од општествено одговорни компании.

Се повеќе деца имаат ларингит и бронхит

Болничкиот капацитет на Институтот за белодробни заболувања Козле се повеќе се исполнува, што според директорот е очекувано за овој период од годината.

– Веќе го имаме очекуваниот број на пациенти, што е нормално за овој дел од годината. Најмногу се забележуваат деца со ларингит и бронхит, но сепак не можам со сигурност да потврдам дека тоа е поради надразителниот загаден воздух, бидејќи тоа е процес на обемна анализа и испитувања, која треба да трае неколку години – објаснува Андоновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот