Дечките кои ги здрмаа Скопје и Републиката

Артивизам е збор кој доаѓа со спојување на зборовите art (анг. уметност) и активизам. Артивизмот ги влече своите корени од 1997 година, а се развива во последните неколку години додека протестите против војна и глобализација се повеќе се зголемуваат. Во многу случаи, артивистите ја притискаат агендата преку уметност, но најечсто со фокус на зголемување на социјалната и еколошка колективна свест. Освен излагање преку традиционалните медиуми како филм, музика и уметност со крик за промена, артивистите низ светот креативно наоѓаат и други начини да го изразат она што треба да се слушне, воочи, примени.

Добри вести: во републикава има артивисти! Да, ние имаме артивисти кои последниве месеци навистина се потрудија да посочат со кои проблеми се соочува не само главниот град, што навистина дава надеж и кураж да се бориме за нештата кои ни пречат, а да не биде преку празно излагање со обвинувачки статуси и твитови на социјалните медиуми.

Досега, запознаени сме со две артивистички друштва кои се присутни меѓу социјалните медиуми: Единица за брзи артивистички акции и Штип Арт Активизам.

ЕДИНИЦА ЗА БРЗИ АРТИВИСТИЧКИ АКЦИИ – АРТИВИСТИ.МК

Креативни, искрени и прецизни. За единицата за брзи артивички акции првпат дознавме преку нивната „изложба“ на бројни локации низ земјата со сатиричен приказ на изјавата на Енди Ворхол.

„Само затоа што луѓето го фрлаат и притоа немаат никаква корист од него, тоа не значи дека е ѓубре“ (“Just because people throw it out and don’t have any use for it, doesn’t mean it’s garbage.” Andy Warhol). Понесени од оваа визионерска изјава на таткото на поп-артот, Единицата за брзи артивистички акции тргна во мисија да ги открие и заштити уметничките дела создадени од бројните уметници кои создаваат на територијата на Скопје и Македонија.

ДОБРЕДОЈТОВТЕ ВО СТАРИОТ ДИВ ИСТОК!

„Низ Скопје паркира кој каде стигне! Колони возила стојат паркирани на улици, булевари, тротоари, на најпрометните места во градот, а парковите и тревниците се претворени во паркинзи. На тротоарите се паркирани возила, а пешаците, родителите со детски колички и лицата со попреченост мора да одат среде улица со сериозни ризици по нивната безбедност.Таква е сликата за Скопје и сообраќајната култура на граѓаните.Одметнатите „шерифи“ од владеењето на правото се надмоќни над „пајаците“ и обичните граѓани. За нив „Не паркирај, бушам гуми!“ е само смешен графит! Затоа, Единицата за брзи артивистички интервенции ја зеде правдата во свои раце и произведе ефектно помагало за непрописно паркираните автомобили – секое непрописно паркирано возило ќе биде казнето со најстрога казна – доживотна робија.Ѓуле со синџир за тркалото на автомобилот ќе биде казната за непочитувањето на сообраќајните правила и уништувањето на животната средина за сите кои се паркираат каде што ќе им текне. Дали ова ќе бидат доволно возачите да се сетат каде е вистинското место за нивните автомобили, и најважно, да помислат на другите граѓани?“

ОПЕРАЦИЈА „ЗЛАТНА МЕТЛА“

„Единицата за брзи артивистички акции си постави за цел да ја мотивира Владата да се фати за најавената метла и да почне од сопствениот двор!
Како!? Со ЗЛАТНА метла! Метлата не е обична, туку златна, зашто тоа е единица мерка за (нечие) богатство, симбол за човечката лакомост, но реално со златна метла, многу полесно се работи. За разлика од обичната метла, оваа предизвикува прекрасни чувства додека се користи, без разлика дали се користи за хигиенско чистење, ментално (про)чистување или пак кадровско чистење. Златната метла е решение за сите општествени проблеми. Единицата за брзи артивистички акции, со оваа златна метла, сака да го потсети Премиерот на мудроста: што можеш да завршиш денеска, не оставај за утре! Златни метли не подаривме само на Владата, туку и на: Град Скопје, скопските општини, министерствата, Собранието, Јавното обвинителство… а една златната метла, стана и споменик во чест на херојската акција да се исчисти корупцијата и да се живее во здрава средина и хармонија со законите на државата. Очекуваме метлата да почне да „игра“. Друго е ова, ЗЛАТНА е“

ОВА НЕ Е МЕСТО ЗА ФРЛАЊЕ НА ВАШИТЕ ПИКАВЦИ

„ Единицата за брзи артивистички интервенции поттикната од неодговорното однесување на учесниците во сообраќајот, на неколку крстосници во Скопје постави табли со натпис „Ова не е место за фрлање пикавци и ѓубре од вашите автомобили“ со желба да укаже на недостатокот на свесност и совесност за заедничко живеење и функционирање во еден град и потребата за индивидуална и општествена одговорност.
Оваа акција цели кон подигање на свесноста за здрава животна средина и повисока урбана култура со напомена дека одржувањето на хигиената не е инстант кампања туку долгорочен и одговорен колективен процес.“

За оваа акција довивме и писмо од читателка со пофалби за активизмот.
За оваа акција довивме и писмо од читателка со пофалби за активизмот. Сепак, добивме и поразувачка фотографија од друга читателка, на која се гледа дека една од поставените табли веќе е вандализирана.

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ!

„Акција со налепници: ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ! / паркирањето на овој автомобил е недговорно!
Единицата за брзи артивистички акции опомена стотина несовесно паркирани возачи во Скопје, ставајќи налепници ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ! / паркирањето на овој автомобил е нодговорно / Ве молиме следниот пат паркирајте одговорно. За ноќните неодговорни возачи обезбедивме и трепкачко светло! Живееме во состојба на алармантна урбана некултура: сообраќаен хаос, непочитување на сообраќајни прописи, недостаток на услови за непречено и безбедно движење со велосипеди и пешаци , непрописно паркирање… Причините за ваквата неодговорноста на граѓаните кон овие состојби се многубројни, но останува фактот дека тоа што најмногу недостасува е немањето свесност и совесност за заедничко живеење и функционирање во еден град и потребата за индивидуална и општествена одговорност. Во недостаток на сериозен акциски план за решавање на овие проблеми сметаме дека како единица ја имаме таа општествена одговорност да реагираме на овие процеси и сметаме дека со оваа акција можеме да допринесеме кон подобрување на состојбите во урбана култура.  Налепниците за неправилно паркирани коли се директна акција кон луѓето кои ги кршат правилата.“

СКОПЈЕ Е ГРАД НА СОЛИДАРНОСТА

„Поттикнати од последните анализи и истражувања дека во поголем дел од Шведска воопшто нема ѓубре и затоа го увезува од странство за да ги продолжи процесите на рециклирање со кои произведува огромни количества електрична енергија и гориво, Единицата за брзи артивистички акции на повеќе локации во главниот град постави канти за ѓубре или таканаречени солидарни пунктови со цел да и’ помогне на оваа скандинавска земја.
Со оваа акција би сакале да ги мотивираме нашите граѓани да бидат солидарни со пријателската Шведска и воедно да размислиме за нашата повеќедецениска традиција на фрлање и трупање ѓубре насекаде.  За потсетување, уште од почетокот на 90-тите години, Шведска применува сеопфатен систем за селектирање и рециклирање на отпадот. Низ ревидирање на законската рамка и во тесна соработка со стопанството и граѓаните, Шведска направи еколошки свесно општество.
Затоа пак, кај нас мака мачиме со собирање на ѓубрето, појавувањето на бројни диви депонии, ѓубре низ природата и насекаде каде што поминало неговото височество Човекот.
Оттаму, апелираме до локалната и централната власт да обезбедат:
– ефективен систем за рециклирање и заштита на животната средина;
– почитување на законите;
– постојана едукација и подигање на свеста;
– оптимален број на канти за ѓубре за селекција на отпадот;
– редовно празнење и сервисирање на веќе поставените, оштетени канти за ѓубре и контејнери (од користење или негрижа).
До граѓаните апелираме – на ѓубрето местото му е во канта!
Скопје не заборава дека е град на солидарноста!
Драги сограѓани, сега е моментот да се обединиме и да му помогнеме на братскиот шведски народ!!!“

Артивистите се поддржани од Фондација Отворено Општество. Следете ги на нивните профили на социјални медиуми: Фејсбук и Инстаграм.

2. ШТИП АРТ АКТИВИЗАМ

Вчера, група анонимни штипјани од „Штип Арт Активизам“ го повика Тор да го крене чеканот:

СЕ БАРА ТОР ОД ПЛАНЕТАТА АЗГАРД

Денеска, 10.06.2019 г., на булевар „Партизанска“ во близина на основното училиште “Тошо Арсов”,во Штип се бараше Тор од планетата Азгард.
Коцките на овој дел од булеварот се пропаднати, изгледа како кратер на патот или како овде да паднал чеканот на Тор.
Ги повикуваме надлежните власти да ги санираат проблемите на овој дел од булеварот и соодветно да бидат поставени заштитни мерки, знаци, табли, зебра за пешаци, што ќе доведе до поголема сигурност за возачите, учениците и пешаците.
Акцијата „СЕ БАРА ТОР ОД ПЛАНЕТАТА АЗГАРД“ е дело на група уметници и активисти од Штип, а е поттикната од инфраструктурните проблеми во овој дел од градот.
Во прилог слики од акцијата.
Со почит,
тимот на Штип Арт Активизам“

Денес, од „Штип Арт Активизам“ на нивната Фејсбук фан страна известија: „Успешна акција, Тор го зема својот чекан, а надлежните ќе работат на санација на проблемот од наредниот понеделник.
“Директорот на “ЈП Стипион”, Сашко Протогеров за МИА вели дека го знаат проблемот и тој е опфатен со Програмата. Тој најави дека од наредниот понеделник екипите на “ЈП Стипион” ќе почнат со санирање на коцките, а ќе се постави и лежечки полицаец за поголема безбедност на учениците коишто секојдневно поминуваат низ булеварот.”

Додека ги очекуваме следните нови креативни апели од Штип Арт Активизам, во меѓувреме може да ги следите тука тука.

3. ГРУПА АРТИВИСТИ ОД ТЕТОВО

Не знаеме дали ова излагање е поврзано со некоја од двете групи. Во секој случај, вреди да се забележи.

„ Група еколошки активисти и уметници поставија фигура од познатиот анимиран лик од серијата „Ла Линеа“ со цел да ги предупредат граѓаните на опасната ерозија на земја и оштетувањето на патот од Тетово кон месноста Бањиче, а воедно да ја алармираат оштината. Ерозијата трае веќе неколку години, а според активистите, опасноста е во тоа што повеќе се шири и го уништува коловозот.
Патот до месноста Бањиче од страна на општина Тетово се реконструираше откако во невремето од август 2015 година беше оштетен. Иако беа изградени потпорни ѕидови дел од нив во текот на годините попуштија и се јавија ерозии на земјиштето кои паднаа на коловозната лента, но и одрони од патот надолу кон коритото на река Пена.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот