Деца од сиромашни семејства во Франција биле преместени во елитни училишта: Еве ги резултатите

Фото: Profimedia

Во 2004 година Максенс Арси се преселил во Белфонтен, сиромашно предградие на францускиот град Тулуз. Ограничен со она што може да го овозможи за своето семејство, таткото на шест деца купил стан во пространата населба во соседството која имала училишта со најлоши резултати во регионот.

„Во тоа време, овде живееја само Африканци и само тие одеа во тие училишта“, вели Арси, кој во 1984 година емигрирал од Мароко во потрага по работа.

Но, во јануари 2017 година, локалните власти ги затвориле тие училишта во четвртиот по големина град во Франција и почнале да превезуваат 1.140 ученици до центарот на градот, во успешните училишта. Целта била да се постигне еднаквост во образованието.

Според политичарот Жорж Мерик, теоријата по која се воделе била дека „растечката плима ги подигнува сите чамци“. Со други зборови, вметнувањето на ученици од Белефонтен и две други предградија, Ла Рејнери и Мираила, во училиштата со докажан успех би се спротивставило на социјалниот детерминизам и сите деца би имале корист.

„Постојат населби во Тулуз со 90 или 95 отсто од имигрантско население. Тие се многу сиромашни и тешко добиваат можности. Но, малите деца кои живеат таму имаат право да успеат“, рече Мерик, кој помогнал во развојот на шемата.

Како дел од проектот вреден 56 милиони евра, ученици на возраст од 11 до 15 години со автобуси се превезувале до речиси десетина различни училишта во центарот на градот. Патувањето траело помалку од еден час.

Пет години подоцна се остварени резулатите кои заслужуваат внимание. Пред почетокот на оваа програма, стапките на напуштање на образованието на ученици кои живеат во сиромашните предградија и по полагањето на националната диплома на Франција за 15-годишници, беа речиси 50 проценти. Таа стапка сега паднала на помалку од шест отсто, а рејтингот во просек се зголемил за речиси 15 отсто. Приближно 94 проценти од учениците останале во истото училиште.

Професорот Едуардо Москеда од Универзитетот во Калифорнија, Санта Круз, го признава успехот на проектот во Тулуз. Но, тој смета дека мора да се земе предвид и висината на средствата потребни за негова реализација.

„Ако проектот чини 56 милиони евра само во однос на превозот на учениците, колку би се подобрил успехот на учениците тие пари да се вложат во подобрување на училиштата кои сега се затворени“, рече тој.

Покрај тоа, Москеда вели дека учениците се доведуваат во училишни средини каде што би можело да биде тешко да се интегрираат со оглед на расните, приходите, културните и јазичните разлики.

Сепак, 13-годишниот син на Максенс Арси, Адам, кој се преселил од училиштето Белефонтен во училиштето Сент Обин, бил среќен, ги подобрил оценките и сега сака да биде инженер. За Арси, оваа иницијатива е пример за тоа како да се минимизираат социјалните разлики и можностите на идните генерации.

„Отсекогаш бевме за овој проект. Сакавме нашето дете да види други националности и култури. Бевме загрижени само за растојанието до новото училиште, но автобуската служба работи многу добро“, истакнува Арси.

За да започне проектот воопшто, биле одржани дури 80 состаноци. Во некои од нив, родителите изразиле загриженост за растојанието што децата ќе треба да го поминат, додека мал број наставници се пожалиле на идејата за промени во составот на учениците, па дури и штрајкувале во обид да го спречат тоа.

„На почетокот не беше пријатно. Имаше отпор, но ги слушнавме сите причини за загриженост“, додаде Мериќ.

Ова искуство може да биде непроценливо со оглед на тоа што сегрегацијата во образованието е присутна во Франција и во други земји, рече Малика Баауд, директорка на „L’École et Nous“, здружение на родители со седиште во Белфонтен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот