Дебитантски настапи, изненадувања и победници: Многу емоции на јубилејното издание на „Макфест“ (ФОТО)

Фото: Слободен печат

Синоќа заврши и втората макфестовска вечер со што се комплетираше јубилејното 35-то издание на најпознатиот штипски музички фестивал, а иако во време на пандемија, сепак роденденот на „Макфест“ беше прославен онака како што доликува.

Фото: Слободен печат

По првата ревијална вечер, на втората која беше со натпреварувачки карактер, а која со песна ја отвори прекрасната водителка Маријана Станојковска,  својот прв настап го имаше младата штипска надеж Горан Тонев, кој го имаше соло настап со нумерата „Моја и твој“.

Чувството е прекрасно за мене е голема чест да бидам дел од Макфест. Им посакувам и на другите учесници да уживаат и да се забавуваат во настапот како што јас го правев тоа – изјави видно возбудениот Тонев.

Фото: Слободен печат

Во текот на вечерта можевме да слушнеме доста одлични мелодии и навистина несекојдневни сценски настапи, а не недостасуваа ниту изненадувањата, па така некаде на средината на вечерта, водителката Маријана Станојковска го претстави познатиот композитор Григор Копров, кој за првпат се појави на Макфест во улога на изведувач на сцената.

Копров ја испеа емотивната балада „Ако вечерва пуштиш солза“, а по исклучително добрата изведба, имаше само пофални зборови за Штип и Макфест.

Фото: Слободен печат

  – Штип ми е вториот град после мојот Охрид го чувствувам како свој. На „Макфест“ сум првпат како изведувач и ова беше навистина голем јубилеј  – 35 години постоење на фестивалот. Мислам дека имаме едно многу успешно издание на „Макфест“. Недај боже да се одржеше во Домот на културата и да се случеше нешто, тоа што се одржа на плоштадот „Слобода“ беше најдоброто можно решение. Овде е попријатно и порелаксирано – истакна Копров.

Свој настап синоќа имаа и веќе добро познатото дуо на сцената – Александар Митевски и Драган Спасов Дац, кои по минатогодишниот хит „Уште ми фалиш“, оваа година повторно се појавија со љубовна песна овојпат под назив „Ѓавол да те земе“.

Фото: Слободен печат

-„Макфест“ е непресушен извор на убави мелодии и мислам дека би требало во следниот период што повеќе автори да земат учество и да прават песни за Макфест. Баш ми е драго што настапивме на овој  јубилеј– изјави Александар Митевски по настапот.

За дуетот со Дац, Митевски вели дека веќе добро се уиграле на сцената и публиката тоа го препознава.

Фото: Слободен печат

-Се уигравме, тие празнини што јас ги имам Дац ги пополнува, се надоврзуваме текстуално и знаеме да направиме песна што публиката ќе ја сака – истакна Митевски.

Фестивалот го одбележаа и повеќе други веќе добро познати музички имиња за македонската публика, како што се и феноменалните „Нокаут“, а пред и самите да знаат дека ќе ја однесат победата, фронтменот на бендот Никола Перевски – Пере истакна дека е вистинска чест повторно да се настапува на овој фестивал.

Одлично се чувствуваме со оглед на тоа дека знам како се организирал Макфест и претходно и жал ми е што никогаш фестивалот не е бил на отворено и навистина е чувствуваме опуштено и можеме да уживаме. Ова е наш трет настап на Макфест и имаме одлични спомени и од претходните настапи – изјави Пере.

Фото: Слободен печат

По настапот, Пере им откри на фановите дека е во подготвка нов албум, но не сакаше да каже повеќе детали.

-Пандемијата е катарза за целото општество не само за нас така што и ние доживуваме катарза во нашиот бенд. За нешто е добредојдена короната затоа што се посветивме максимално на креацијата. Мислам дека направивме добар нов албум, не сакам да ветувам кога ќе се појави, дали тоа ќе биде за месец, два три, но го жртвуваме нашето време, даваме голем дел од себе и мислам дека тоа ќе биде добар албум за нашите обожаватели. Го одржуваме нашиот стил оваќе биде еден добар поп/рок албум со добри балади и се задржуваме на она што го работиме – изјави Пере.

„Нокаут“ настапија со песната „Сакам да живеам“, која на крај доби и најмногу гласови од жирито по што публиката можеше да ја слушне уште еднаш за крај на вечерта.

Фото: Слободен печат

За целото шоу да биде покомплетно се погрижија Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, кои ја забавуваа публиката додека жирито ги пресметуваше гласовите.

Покрај првото место кое им припадна на Нокаут и за кое освоија награда во износ од 5.000 евра, втората награда и 3000 евра ги доби Ѓоко Танески за песната „Ден по ден“, а третата награда ја освои песната „Ако те изгубам“ во изведба на Омар Џаферовски за која доби 1000 евра.

Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот