Дебатата меѓу кандидатите за Куманово во знак на конфронтација меѓу Димитриевски и Илиевски

Дебата на кандидатите за градоначалник на Куманово на телевизија Телма / 14 октомври 2021 / фото: ТВ Телма/принтскрин

Социјалдемократскиот сојуз не го поддржа Максим Димитриевски за втор мандат како градоначалник на Куманово поради тоа што „најголем дел од проектите од 2017 година не се реализирани, од инфраструктурата, чистиот воздух, животната средина, новите паркинзи, гасификацијата“ рече во вечерашната дебата на претендентите за градски татко на Куманово на телевизија Телма, кандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски.

Според него, тој како иден градоначалник ќе ја има „можеби најтешката задача“.

„Никогаш не сум се откажал затоа што треба да го реализираме нереализираното и да додадеме нови проекти“, рече Илиевски, кој нагласи дека СДСМ одлучил да не го кандидира Димитриевски затоа што не ги реализирал ветените проекти.

На ова одговори актуелниот градоначалник, кој рече дека општината е единствената во земјата која самата побарала контрола од државната ревизија и ја поминала без забелешки.

Куманово е единствена општина што сама побара државната ревизија да направи контрола на нашето работење во изминатите четири години. Имаме позитивен државен ревизиски извештај, контрола која траеше три месеци. Општината оди напред. Успеавме да реализираме 400 проекти. Тоа го доставивме до граѓаните и во градскиот информатор“, рече Димитриевски во дебатата во која учествуваа четворица кандидати за градоначалник, а не се појави кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Михајловски.

„Нашиот план е во рамки на оваа програма којашто ја имам „За наше Куманово“ во следните 4 години да реализираме најмалку 800 проекти, меѓу кои ќе бидат и капитални. Успеавме и сме една од ретките општини, бевме меѓу трите најзадолжени општини, се деблокиравме. Куманово почна да се движи. Од една од трите најзадолжени општини со 11 и пол милиони евра долг, го вративме долгот, а денеска имаме 4 милиони евра сопствени средства. Со тие средства Куманово ќе продолжи да се гради, но и редовно да си ги наплатува своите побарувања“, додаде Димитриевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот