
Дебата за влијанието на вештачката интелигенција во културата ќе се одржи во „Јуроп хаус Скопје“
Францускиот институт во Скопје и Факултетот за информатика и компјутерски технологии ја организираат дебатата со тематски наслов „Вештачката интелигенција и културата: револуција или еволуција?“, која ќе се одржи на 13 февруари, со почеток во 19 часот, во „Јуроп хаус Скопје“, во рамки на 10. издание на меѓународната манифестација „Ноќ на идеите“.
Препорачано
Во дебатата учество ќе земат Жан-Габриел Ганасија, професор по информатика на Универзитетот во Сорбона и автор на десетина книги, вклучувајќи ја и последната, „Вештачката интелигенција објаснета на луѓето“ (2024); проф. д-р Андреа Кулаков, професор на Факултетот за информатика и компјутерски технологии; и Илија Тирицовски, продуцент, кој ќе го претстави проектот „РеKреирање на иконите“.
Модератор на дебатата е Филип Аврамчев, организатор на Меѓународниот самит за вештачка интелигенција, којашто се одржа во Скопје, во октомври 2024 година.
Настанот ќе го отвори Н.Е. г-дин Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција.
Дискусијата ќе се фокусира на тоа дали вештачката интелигенција може да создаде оригинална уметност или само ги репродуцира постоечките модели, дали може да ги замени уметниците и писателите или, пак, да служи како алатка која ја поттикнува иновацијата, потоа како да се дефинира улогата на авторските права при дела создадени со помош на ВИ, како и на начинот на кој оваа технологија може да ја демократизира глобалната пристапност до културата и уметничките дела.
Жан-Габриел Ганасија е реномиран француски информатичар и филозоф. По студиите по инженерство и филозофија, тој го брани докторатот на Универзитетот во Орсе за системи базирани на знаење, како и државната докторска теза за автоматско симболичко учење.
Тој е професор по информатика на Факултетот за наука и инженерство на Универзитетот Сорбона и долгогодишен член на високата академска установа „Универзитетски институт на Франција“ (UIF).
Жан-Габриел Ганасија ги спроведува своите истражувања во Информатичката лабораторија на Сорбона Париз VI (LIP6), каде раководи со тимот за когнитивно и симболичко автоматско учење, како и во рамките на Опсерваторија за книжевни текови, идеи и корпуси (Labex OBVIL), во рамките на што неговиот тим соработува со Факултетот за книжевност при Универзитетот Сорбона.
Како специјалист за вештачка интелигенција при Европската асоцијација за вештачка интелигенција (EurAI Fellow) и за анализа на податоци, неговите тековни истражувања се фокусирани на дигиталните хуманистички науки, фузија на податоци, компјутерска етика и етиката на информатичките и комуникациските технологии. Компјутерската етика покажува како етиката на машините и човечката етика можат да се развиваат во динамична размена меѓу нив. Клучот за оваа динамична размена е карактеризирањето на етиката во алгоритамски термини.
За дебатата е обезбеден симултан превод.