Дебата: Шилегов вели дека Скопје оди во позитивен правец, противкандидатите – дека е валкан и нефункционален град

Дебата на кандидатите за градоначалник на Скопје / 27 септември 2021 / фото: ТВ24/принтскрин

Актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, кој е во трка за уште еден мандат, во дебата на Телевизија 24 емитувана вечерва рече дека Скопје е град кој децениски бил запоставуван, но во изминатите четири години, „многу работи се придвижиле и градот од место во кое се инвестирало несоодветно, стана град кој има сосема поинакви приоритети“.

„За четири години направиме нови четири булевари кои се неопходни за урбаната мобилност, мостот во Аеродром е речиси завршен, вториот го градиме во Карпош 4, успеавме она што 40 години беше само најава, а тоа е урбан современ транспорт и тоа се работи кои беа системски непходни и потребен за развој на еден град. Скопје во последните 4 години е град кој интензивно се менува.во позитивен правец“, рече Шилегов.

Наспроти градскиот татко, повеќето негови противкандидати ја критикуваа состојбата со сообраќајот, чистотата и функционалноста, а имаше оценки дека неконтролираните градежни активности Скопје го прават пренатрупан град со премалку зеленило.

Александар Тортевски од „Твоја партија“ рече дека Скопје го доживува како хаотичен, валкан и загаден град кој не се грижи за своите граѓани. Според него, градот е хаотичен во однос на јавните работи и со хаотичен сообраќај поради изведување на градежни работи.

„Зошто тие работи не можеа да се направат летото кога во градот немаше никој? Тоа е потценување на јавноста зошто мислат дека од јули до октомври тоа ќе се заборави. Јас сум за тоа јавните работи да се одвиваат брзо, навремено и квалитетно и кога градот е празен, а не граѓани да стојат во колони и да запаметат дека некој направил булевар со нивни пари“, рече Тортевски.

Кандидатката на движењето „Зелен хуман град“, Ана Петровска, се осврна на бетонизацијата на градот и недостигот на зеленило, паркинг и функционален јавен транспорт, како и на екстремното загадување во зимските месеци.

“Ние како претставници на „Зелен хуман град“ се залагаме сите овие појави да се променат од корен и со новиот Генерален урбанистички план да престане бетонизацијата на градот, да отвориме нови паркови, да го решиме одржливо сообраќајот да ги исчистме сите диви депонии ко никнуваат во градот и да создадеме центри за рециклажа“, рече Петровска.

Данела Арсовска, која за градоначалничката функција се бори како независна кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека не е задоволна од досегашното водење на градот, во кој има урбанистички и сообраќаен хаос, а тој е полн со нечистотија. Многу решенија се ветувале во минатото, а немало нивна финална реализација, вели Арсовска.

„Не е доволно само да се вети. Гледаме дека има само ветувања. На Скопје му треба квалитетно менаџирање и да се престане со политканство. На граѓаните е потребно да се работи. Им требаат брзи и ефикасни решенија за современа европска метропола. Треба да се врати духот на градот. Има делови од градот каде нема водовод и канализација“, рече таа.

Според Мунир Колашинац, кандидат за градоначалник на Бошњачкиот Демократски сојуз, Скопје е град подготвен за промени, кој е уништен од неплански градби и му недостасува план, работа и развој.

„Скопје е град кој може многу подобро. Туристите гледаат нечистотија. Зошто ова не се одржува? Затоа на Скопје му треба вистински домаќин“, рече Колашинац.

Видео на денот