Дебата на ДКСК за отпадот: Зад изградбата на фабриката за горење на отпад во Неготино стојат нечии интереси

Фото: Слободен печат/Ристо Пејовски

Неготинци се против изградбата на фабриката за согорување на отпад на територијата на нивната општина која беше најавена од Владата и ќе ги искористат сите постоечки правни механизми за да се изборат против нејзината изградба.

„Ние сме земјоделски крај и нашата егзистенција и нашата животна средина ќе се уништи доколку се дозволи отпадот од целата држава да се транспортира до Неготино и да се согорува таму“, рече Сашко Тодоров од еколошкото здружение Еко Вита од Неготино на денешната дебата организирана од Државната комисија за спречување на корупцијата за проблемите со кои се соочува државата на планот на управување со отпад.

Ова здружение најави и дека пред Уставниот суд ќе покрене оценка на уставноста на Законот за стратешки инвестиции, откако изградбата на фабриката Владата ја прогласи за стратешка инвестиција.

Се работи за проблематичен проект кој го турка анонимна компанија со 5.000 евра основачки влог, истакна Тодоров.

„Комплетно е занемарена законската обврска и обврската произлезена од меѓународната Архуска Конвенција чијшто потписник е нашата држава, за таков проект да биде консултирано локалното население. Ако ги прашате жителите на нашата општина ќе добиете одговор дека никој не ги прашал дали сакаат во нивната непосредна околина да се гори ѓубре“, рече претставникот на неготинското граѓанско еколошко здружение.

За можноста во форсирањето на проектот за изградба на фабрика за согорување на отпад да постојат и сериозни индиции на клиентелизам и корупција зборуваше претставничката на еколошката организација Еко Свест, Невена Смилевска. Според Смилевска, фабрика за согорување на отпад како онаа што се најавува во Неготино сериозно го поткопува спроведувањето на стратегијата за управување со отпад која ја има воспоставено државата, како и сите напори за подигнување на свеста за рециклирање на отпадот и правилно постапување со него.

„Во ситуација кога РСМ има превземено обврски на планот на воведување на циркуларна економија, чијшто главен принцип е реупотреба и искористување на сите расположливи ресурси, а којашто имаме обврска да ја спроведуваме како потписничка на неколку меѓународни договори, поради нечии интереси се прескокнува целиот систем“, рече Смилевска.

Премиерот во оставка Зоран Заев, летово ја промовираше идејата за изградба на огромна фабрика во која ќе се согорува отпад од околу 70 проценти од територијата на земјата. Зад фабриката, како странска инвестиција, стои фирмата „Зока Енерџи Солушнс“ од Неготино, во соработка со странски партнери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот