Дебата на БТВ: Ќе има ли во Благоевград македонски клуб, градоначалникот тврди – Тоа е приватен настан, полицијата ќе биде таму за секој случај

Дебата на БТВ: Гости Христо Матанов, Костадин Филипов и Илко Стојанов/Фото: Скриншот

Во Благоевград нема културен клуб. Нема формално барање. Нема културен центар или клуб. Ова е приватно изнајмување. Ова е приватен настан со приватни активности каде ќе се собере народ приватно, изјави утрово во емисија на БТВ градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов.

Отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во недела во Благоевград, тој го оцени како провокација зошто немало официјално барање за негово отворање.

-Целта им е отворање на некаков културен клуб. Имаме добри односи со општините во Северна Македонија, како и добри односи меѓу луѓето. Ако има провокација, тоа не е на официјалните власти, но ќе биде присутна полицијата, рече градоналачникот Стојанов и додаде дека доколку има индиции за антидржавно дејствување ќе биде поднесен извештај и ја повика јавноста да не подлегнува на провокации. 

„Благоевград е мултинационален град. Има американски универзитет, а Русите и Украинците живеат заедно. Се е нормално. Не мислам дека луѓето што живеат во Благоевград ќе попуштат под притисокот“, категоричен е Стојанов и нагласи „ако забележиме нешто ќе реагираме“.

Другиот соговорник во студиото на БТВ во утринската емисија „Ова утро“, историчарот проф. Христо Матанов целиот настан во Благоевград го смета исто така за провокација.

-Според мене ова е провокација. Се очекува да има некакви протести, за после да кажат, видете и кај нас имаше протести и тука има. Едно исто е тоа. Бугарија не сака да ги пушти во ЕУ, создава преседани, бара причини и нешто така. За мене тоа е провокацијата, можеби е и поширока, рече проф. Христо Матанов.

– За мене ова е игра на клубови. Нашиот клуб е појак од вашиот. Скандалот кој ќе го предизвикаме ние ќе биде поголем од скандалот кој вие го предизвикавте. Многу смешна историја е според мене. Северна Македонија и Бугарија се закачени. Одблиску се следат нашите односи и се бара некаква реакција. Требаше да ги оставевме мирно да си ја отворат таа гаража во зградата, да си ја спроведат таа иницијатива во Благоевград и да не им обрнувавме внимание. Ако се соберат 10-15 луѓе нека си прават, рече бугарскиот новинар Костадин Филипов.

-Клубовите треба да ги зближуваат народите. Ако отидете во Северна Македонија ќе видите српски весници, српски телевизии и што уште не. Бугарски весници има многу ретко, бугарска телевизија нема, имаше теза дека ќе се отвори филијала на бугарскиот универзитет, но тоа не се случи. Клубовите треба да ги зближуваат народите, а не да ги разделуваат. Ми се допадна тоа што го кажа градоначалникот, тој ќе прати полиција за секој случај за да нема кршење на стакла. Во секој случај она што се прави во Благоевград не смее да стане како она што се случи во Битола и во Охрид, рече проф. Матанов.

Потоа соговорниците во студиото се потсетија на 90-тите години во Македонија кога се отвораат бугарски здруженија како што беше „Радко“ од Охрид чие основање помина неславно, со инциденти и со полициска интервенција, како и на редовното кршење на плочата на бугарската хероина Мара Бунева, кое редовно се случуваше на денот на нејзината погибија, 13 јануари во Скопје.

Запрашан за најавата дека македонски политичари како Христијан Мицкоски и негови сопартијци ќе присуствуваат на отворањето во Благоевград, градоначалникот рече:

-Не очекувам официјални лица да дојдат, зошто нема официјален настан. Не треба да се пропагира омраза. Секој кој ќе дојде е добредојден и ќе биде во функција на граѓанин, а не како политичар. Тоа ќе биде краткотраен настан и нема да ги навреди добрите односи меѓу двете земји, рече градоначалникот Стојанов, цитирајќи ги зборовите на Гоце Делчев како личност која ги обединува двата народи „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен напредок меѓу народите“ во обид да објасни дека во тој културен дух треба да помине настанот во неговиот град.

Во емисијата додека траеше овој разговор во студиото, беше поставено анкетно прашање: Дали Северна Македонија е подготвена за влез во Европската унија? на што најголем дел од испитаниците, одговориле негативно 78,2 проценти.

Анкета на БТВ/Скриншот

Соговорниците се осврнаа и на националната припадност на Никола Вапцаров, родум од Банско, па проф. Матанов истакна дека немало дилеми дека е Бугарин, зошто самиот Вапцаров така се декларира и пишувал на бугарски јазик, додавајќи дека е стрелан од бугарските власти во 1942 година под обвинение дека е шпион на странските служби, американски или британски, не е доистражено.

За него спорно е и името на самиот Благоевград, кој го носи името на Димитар Благоев, основач на Бугарската работничка социјалдемократска партија, кој како член на бугарскиот парламент во 1917 година изјавил таму: „Јас сум Словен од Македонија“, а бил роден во село Загоричани, Костурско.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот