Давитковски: Или да се укине апанажата или финансирањето на партиите

проф. Борче Давитковски / Утрински брифинг

Професорот од Правен факултет Борче Давитковски за „Слободен печат“ вели дека Левица е во право кога бара укинување на апанажата. Според него, има различни решенија за апанажа во светот, но тие пред се се однесуваат за професионални политичари како тие кои се избираат во сенат или во претставнички дом. Доколку тие одат во опозиција им следува апанажа која ја примаат една година додека не се вработат или повторно бидат избарни.

– Кај нас се претерува со апанажата. Граѓаните кај нас не избираат пратеници, туку гласаме за пратенички листи утврдени од лидерите и од партиите. И затоа имаме лекари, професори, бизнисмени за пратеници. Има случаи кога бизнисмени откако ќе им заврши пратеничкиот мандат наместо да се вратат во своите фирми, кои во меѓувреме работеле на име на близок роднина, тие земаат една година апанажа. Тое е злоупотреба на институтот апанажа. Со нашата фолклор демократија, политичките партии се махери  за извртување на законите – вели Давитковски.

Тој смета дека ексфункционерите уживаат преголеми привилегии ако се земе предвид дека Македонија е сиромашна земја. Тој смета дека и експремиерите и поранешните претседатели имаат големи привилегии како што се возила, обезбедување… додека во побогатите држави премиери и пратеници пешки, со јавен превоз или со велосипед одат на работа.

– Левица е во право. Партиите добиваат пари од државата и по истекот на мандатот на функционерите, партијата треба да ги плаќа додека тие се снајдат за работа. Или да се укине апанажата или да се укине финансирањето на партиите од буџетот, од некаде треба да се почне. Што е посиромашна, помалку демократска и позаробена државата има поголеми привилегии за носителите на функции. Ваков јавашлук не сум видел. Не сме толку богати за тој луксуз да го плаќаме. Луѓе живеат со 200 евра плата – вели Давитковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот