Давидовиќ: Не постои кривично дело „поттикнување на бојкот“

Фото: Youtube принтскрин /Слободна ТВ

Не постои кривично дело „поттикнување на бојкот“ и нема никакви можности кривично да се гонат поттикнувачите, вели адвокатот Звонко Давидовиќ, по тврдењето на Владата дека постојат елементи на кривичното дело „поттикнување“ за оние што ги повикуваат граѓаните да не учествуваат во попишувањето.

– Самите повици за бојкот се на тесна граница со слободата на изразување и нормално е да постојат различни мислења за спроведување попис во една вака ненормална ситуација, во услови на пандемија и голем број заболени – оценува Давидовиќ за „Слободен печат“.

Од Владата не одговорија конкретно на кој закон и член би се повикале при евентуалното кривично гонење, со оглед на фактот што во Законот за попис одбивањето да се дадат податоци е прекршок, а пак во Законот за прекршоци е наведено дека за поттикнување прекршок не следува одговорност. Оттаму единствено потсетија на казнените одредби на Законот за попис дека на граѓаните што ќе одбијат да дадат податоци на попишувачите им се заканува глоба од двесте до триста евра.

Во меѓувреме, продолжува интензивната кампања на министрите за политички систем и надворешни работи, Артан Груби и Бујар Османи, за мобилизација на дијаспората за учество во самопопишувањето. Двајцата во периодов во неколку европски центри остварија повеќе средби со претставници на здруженија на иселеници – Албанци, повикувајќи за масовен одзив. Дел од аналитичарите сметаат дека ваквите потези ќе го исполитизираат прашањето за пописот.

– Вистинското прашање е дали за последниве десетина илјади попишани иселеници за 24 часа има информација за нивната етничка припадност? Така ќе можеме да дознаеме дали се агитирало за попишување само кај едната или кај сите заедници на граѓани на државата. Ако се демонстрира неутралност, односно ако во Швајцарија се посетиле исто толку здруженија на Македонци, како и на Албанци, тогаш овие потези се во ред, но ако сте посетиле само претставници на определена етничка заедница, се поставува прашањето за искреноста на намерата – изјави директорот на Македонски центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, за ТВ Канал 5.

За што помасовно учество во пописот, сега повика и „Обединетата македонска дијаспора“, каде што освен за иселениците, апелираа и македонските државјани што живеат во земјава да не го бојкотираат попишувањето.

Државниот завод за статистика соопшти дека заклучно до вчера во осум часот, од дијаспората се попишале 130.009 македонски државјани, односно за осум илјади повеќе во последните 24 часа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот