Давањето предлози во предизборие е погрешна стратегија

Колаж: „Слободен печат“

Историските дилеми, обвинувања за фалсификати и различните толкувања се дискутираат и се решаваат на научни собири, не со политички изјави и лажни обвинувања, а бугарското предизборие воопшто не е добар момент да се даваат какви било предлози за македонско-бугарскиот спор, реагираат историчари и аналитичари на акцискиот план на експремиерот Љубчо Георгиевски за решавање на проблемот со официјална Софија.

Викендов, независно од македонската влада и Министерството за надворешни работи (МНР), Георгиевски изнесе пет предлози, меѓу кои нова специјална комисија да го расветли наводниот прогон на 130.000 и убиства на 30.000 македонски граѓани со бугарска свест, потоа да се признае дека целата македонска преродба се обидувала да создаде заеднички јазик со бугарскиот, дека Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев биле учители на бугарската егзархија итн.

Не се соопштуваат јавно така предлози

Според политикологот Петар Арсовски, во овој момент не ни одговара да даваме каков било предлог за спорот со Бугарија.

– Никакво решение не е можно до изборите во Бугарија. Давањето предлози е погрешна стратегија, сè што ние сега ќе предложиме или ќе го понудиме, потоа ќе биде почетна позиција на идната бугарска влада. Предлозите на Георгиевски се многу оддалечени од официјалните позиции на македонската влада. Не знам со кои мотиви ги дава и не можам да коментирам, но ние имаме преговарачки тим, а тој е и коалициски партнер во Владата и, ако сакал да помогне, можел своите идеи да ги предложи во тимот, а не јавно. Не се соопштуваат така јавно предлози – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Политикологот и историчар Благојче Атанасовски вели дека е поборник да се говори историската вистина и дека македонската историографија сокрива факти што не ни одат во прилог, но на овие настани за кои зборува Георгиевски не може да се гледа „здраво за готово“ благодарение на фактографијата.

– Во тој период Бугарија била меѓународно признаена држава со свои институции и образовни установи. Меѓу другото, бугарската егзархија имала свои училишта во македонските градови и голем дел од нашите револуционери добиле формално образование во овие бугарски школи. Но, се поставува прашањето – дали имале друг избор! Точно е дека голем дел од војводите биле и учители во бугарските училишта, но тоа не значи дека се чувствувале за етнички Бугари. Во душата на никој не можете да му влезете, а еклатантен пример е таткото на македонскиот јазик и нација Крсте Петков Мисирков, кој во своето епохално дело ,,За македонцките работи“ констатирал дека ,,можеби не сме Македонци, но не сме ни Бугари, ни Срби, ни Грци“, луцидно алудирајќи дека треба да изградиме македонска национална свест со создавање осебен кодифициран јазик – вели Атанасовски за „Слободен печат“.

Во врска со јазикот, Атанасовски вели дека официјалниот јазик е нормиран дијалект и дека секоја посебна држава со политичка одлука кодифицира и стандардизира некој дијалект како официјално писмо и јазик.

– Нормално било дека со создавањето на македонската држава во 1944 година ќе се создаде посебен македонски јазик, како што денес се создаваат посебни црногорски, хрватски, па дури и босански јазик. И во периодот кога Бугарија била слободна, со институционализирана егзархија на нашата почва, што е толку ,,необично“ ако во официјалната кореспонденција помеѓу македонските организации се општело на нормираниот бугарски јазик? Некогаш и во неслободна Бугарија грчкиот јазик бил официјален, односно јазик на ,,писмените“ и „богатите“. Па зарем тоа значи дека Бугарите се одродени Грци?! – вели Атанасоски.

Нека покажат Бугарите што е фалсификувано

Историчарот Тодор Чепреганов го отфрла тезите и тврдењето на Георгиевски дека македонската историографија крие факти.

– Во многу документи, книги и монографии што ги издала македонската историска наука е наведено тоа што го зборува тој и не се крие дека револуционерите биле учители на бугарската егзархија. А што и можеле друго да бидат во тоа време кога постоеле само бугарски, српски и грчки училишта во кои учело македонското население. Но, одењето во одредена црква или училиште не е национална припадност. Георгиевски испушта да каже дека меѓу револуционерите имало борби и спротивставени мислења за тоа дали во Македонија треба да има бугарски или македонски училишта на кои ќе се учи на македонски јазик. Шапкарев велел дека македонските деца не го разбираат бугарскиот јазик. Георгиевски во своите погледи и толкувања на минатото се фаќа за оние делови каде што доминира бугарското, а јас како македонски историчар се фаќам за делот каде доминира македонското. Бугарската, српската и грчката пропаганда од тоа време го разорија македонското национално ткиво и последиците се чувствуваат до денес – вели Чепреганов.

Тој како пример наведува дека кога бугарскиот политичар Васил Канчов дошол во Солун, на прашањето – зошто е тука, одговорил: „За да ги побугарчам Македонците“. Чепреганов прашува што е Михајло Апостолски по националност, роден 1906 година, кој учел прво во бугарската егзархија, а завршил воена школа во Белград, па се вратил во Македонија и се приклучил на македонското народноослободително движење.

– Што е Апостолски? Бугаросрпски Македонец? – прашува Чепреганов.

Според него, голема лага е тврдењето дека по Втората светска војна имало масовен прогон на македонските Бугари.

– Имало прогон, да, и тоа треба да се документира. Треба да се седне со бугарските историчари и да се дискутира на научно ниво, но за тоа не треба да се формира никаква специјална комисија. Имало прогон, имало екстремни случаи и сето тоа треба да се расчисти, но никаде нема докази дека се убиени 30.000 и дека се протерани 100.000 луѓе поради нивната бугарска самосвест. Македонија во тоа време имала 900.000 жители, ако се толку убиени и протерани, тоа е 15 отсто од населението, од секое семејство по еден, што не е точно. Нека кажат бугарските историчари што е фалсификувано. На светски научни собири нека извадат конкретни документи и нека кажат, еве ова вие го фалсификувате, еве го оригиналот – вели Чепреганов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот