автомобили
автомобили / фото: EPA/EFE

Давачките за моторни возила ќе се пресметуваат според цената и емисијата на ЦО2

Измената се однесува на возилата произведени од 2022 година, за кои се применува нова метода за пресметка на количината на ЦО2, прикажан во потврдата за сообразност – велат од Царината

Се подготвува нова Уредба за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила, потврдуваат од Царинската управа за „Слободен печат“.

– Царинската управа подготвува измена на Уредбата за начинот на пресметка на Данокот на моторни возила, со цел усогласување со новата регулатива на ЕУ. Измената се однесува на возилата произведени од 2022 година, за кои се применува нова метода за пресметка на количината на ЦО2, прикажан во потврдата за сообразност – велат од Царината.

Она што е важно, а што ги интересира граѓаните, е информацијата дека износот на данокот на моторни возила ќе се пресметува како и досега, врз основа на вредноста на возилото и на емисијата на ЦО2 и останатите податоци изразени во потврдата за сообразност што увозниците ја приложуваат при царинење.

– Предлог-измените на Уредбата ќе бидат доставени на разгледување и понатамошна постапка до Министерството за финансии. До донесувањето на измените, на сила е постојната Уредба за начинот на пресметка на Данокот на моторни возила – додаваат од Царинската управа.

Новините се однесуваат на усогласување со директивите на Европската Унија, како и за пресметката на емисијата на количеството на јаглерод диоксид по нова методологија врз основа на јасно утврдени правила за пресметка на данокот на моторни возила, велат од Стопанската комора на Македонија, каде што минатата недела имаше работна средба меѓу претставниците на Групацијата за увоз на моторни возила и на Царинската управа на Македонија. Од СКМ за „Слободен печат“ додаваат дека увозниците на  автомобили едногласно ја поздравиле иницијативата на Царината и посочиле дека бенефит од новата Уредба ќе имаат државата, увозниците на моторни возила како и крајните потрошувачи.

Од 1 јануари 2020 година, почна примената на посебниот Данок за возила, чија главна цел беше намалување на увозот на половни автомобили со висока емисија на штетни честички. Новиот данок за возила има две компоненти – вредноста на возилото и влијанието на возилото врз животната средина, ориентирајќи се стандардно според емисијата на јаглерод диоксид што е хомологирана и пријавена од производителот. Со воведувањето на новиот данок се укина плаќањето на акцизата, која за возилата со вредност од 8.500 и 12.000 евра изнесуваше три отсто. Инаку, од 1 јануари 2020 година, возилата што чинеа до 10.000 евра беа ослободени од плаќање данок, односно од првиот дел од данокот што се однесува на вредноста на возилото. Екокомпонентата се пресметува според количеството јаглерод диоксид што се испушта, а таа се множи со коефициент што е однапред утврден, а е различна за бензинските и за дизел-моторите. Вредноста на еколошката компонента во 2021 година изнесуваше 25 отсто, а од 12 јануари 2022 година таа е 50 отсто.

Просечната емисија на ЦО2 во Македонија е околу 170 грама на километар

Според истражувањата за возниот парк во земјава, чијашто просечна старост е над 18 години, просечната емисија на јаглерод диоксид е околу 170 грама на километар. Границата што беше поставена за европските производители на нови возила за 2020 година изнесуваше 95 грама ЦО2 на километар, a сега се движи од 130 до140 г/км ЦО2. Автомобилите во европските градови се  одговорни за околу 12 отсто од вкупните емисии на јаглерод диоксид.

Според царинските статистики, лани во земјава вкупно биле увезени 35.458 возила, од кои нови 8.790, а половни – 23.381.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот