Даути – Зендели: АА и БЕСА се автономни партии, ВМРО-ДПМНЕ делува самостојно

Илире Даути / Фадил Зендели (Фото СП)
Илире Даути / Фадил Зендели (Фото СП)

Легитимно право на една автономна партија е да одлучува како ќе дејствува, вели во изјава за „Слободен печат“ кординаторката на пратеничката група на Алијанса за Албанците Илире Даути во врска со одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за активен бојкот на сите закони во Собранието.

– Пред три недели ние најавивме и доставивме два закона, тој за основно и средно образование со кој предлагаме да се укине одредбата за замена на наставниците кои штрајкуват и законот за игри на среќа, со кој предлагаме казината да бидат сместени само во хотели со пет звезди. Наш приоритет се овие два закона за кои цениме дека не можат да се одложуваат повеќе. Секако ние сме тука за да спречиме и секаков обид на власта да манипулира и донесе штетни закони, како што пред два дена спречивме автентично толкување на закон со кој се предвидува отварање на нова лотарија. По 22 јуни кога ќе се знае дали ќе добиеме или не датум за преговори со ЕУ, ќе преземеме други чекори бидејќи после тој датум ќе нема ни најмала смисла овој владин состав да продолжи да делува, изјави Даути.

Пратеникот на Движењето БЕСА, Фадил Зендели вели дека неговата партија е автономна и сама ги носи своите одлуки како ќе делува во Собранието и вон него.

– Ние сме независен политички субјект и сите одлуки ги носиме автохтоно. Во моментот кога ќе оцениме дека интересите на нашите гласачи и иницијативите на другите опозициони партии се исти, тогаш партиските тела ќе одлучат дали ќе поддржиме или не некоја иницијатива. Во конкретниот случај, заради многуте нереализирани ветувања и проекти, поради тоталниот неуспех сметаме дека оваа влада треба да си замине, затоа и ја поддржуваме иницијативата за предвремени парламентарни избори, изјави Зендели за „Слободен печат“.

Пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми коментирајќија блокадата на работата на Собранието изјави дека е зачуден од тоа дека опозициските партии на Албанците немаат јасен став околу тоа дали се или не за блокада на работата на Собранието.

– Ме зачудува фактот што албанската опозиција нема никаков став за блокадата. Тие функционират во синхронизација со ВМРО-ДПМНЕ и делуват деструктивно. Алијанса за Албанците не беше присутна во собраниската пленарна сала и се зборува дека дел од претседателството на партијата се против оваа идеја. Тие самите не знат на чија страна се, изјави Адеми.

Од друга страна, лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека нивната комуникација со ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски е во функција, како што вели, не за персонални или групни интереси, туку за инетереси на државата и граѓаните.

– Лидерска за конкретни теми, како што истакнав за проблемот со Бугарија, или за теми што барат етнички и политички консензус. Но, за предвремени парламентарни избори, не. Опозицијата секаде во Европа, два дена откако ќе ги изгуби изборите бара предвремени парламентарни избори. Нормално е опозицијата да бара предвремени избори. Јас имам комуникација со опозициските партии, особено со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за прашања во интерес на државата, не за персонални или групни интереси, изјави Ахмети.

Поранешниот пратеник на Движењето Беса, Кастриот Реџепи, кој сега делува како независен во Собранието, коментирајќи ја блокадата на работата на Собранието од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и поддршката на Беса за овој политички чекор, изјави дека БЕСА е претворена во партија „сателит“ на ВМРО-ДПМНЕ и ЛЕВИЦА.

– Движето БЕСА е претворено во партија сателит на ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Со поддршката што ја дава за блокадата на работата на Собранието, БЕСА и го враќа долгот на ВМРО-ДПМНЕ за поддршката во Тетово, со чии гласови ја освои општина Тетово. Жал ми е што политичката партија што сум ја поддржувал падна на ова ниво, да стане сателит на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, изјави Реџепи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот