Датумот за избори сѐ поблиску, договорот сѐ подалеку

Неизвесно е дали партиите навистина ќе го одиграат докрај она за кое деновиве зборуваат – СДСМ е категоричен дека повеќе не отстапува од 5 јули како изборен ден, а ВМРО-ДПМНЕ не сака ни да разговара за изборите, туку само за коронавирусот.

Првата од двете седмици од четвртата вонредна состојба е при крај, а двете најголеми партии не мрднаа ниту милиметар кон компромисно решение за датумот за предвремените парламентарни избори – СДСМ „се вкопа“ на позицијата дека по сила на Уставот и законите ќе се гласа на 5 јули, а ВМРО-ДПМНЕ се помалку го спомнува гласањето и се фокусира на корона-кризата, која се влоши во последните денови. Сите канали за комуникација помеѓу лидерите Зоран Заев и Христијан Мицкоски се прекинати и е неизвесно дали партиите навистина ќе го одиграат докрај она за кое деновиве зборуваат. СДСМ е категоричен дека повеќе не отстапува за датумот за избори, затоа што е несериозно и опасно државата да продолжи да функционира со техничка влада и без Собрание, а за ВМРО-ДПМНЕ е несериозно и опасно да се води кампања и да се гласа кога секој ден има нови заболени и починати од коронавирусот.

Мицкоски: Не се плашам од избори туку од жртви од вирусот

Македонија се соочува со најжестоката здравствена и економска криза и народот е фокусиран на овие прашања, рече вчера Мицкоски, кој уште еднаш повтори дека во такви услови не размислува за избори.

– Оваа власт има системски неуспех во справувањето со коронавирусот, велат дека добро се справуваат, а демантот стига веднаш, со 650 активни случаи и неколку илјади во карантин. Македонија дневно има повеќе нови случаи и починати од цел Балкан заедно, а од власта нема ниеден нов протокол, никаква нова мерка за заштита. Единствено од нив слушаме избори па избори. И кога ќе се каже дека опозицијата се плаши, да одговорам, јас не се плашам ниту од „луј витон“ обвинителството, ниту од трас-трас судство, ниту од пакетите што Заев ги делеше во вид на поткуп злоупотребувајќи ја кризата, единствено се плашам да не загубиме човечки живот повеќе и да не го загрозиме здравјето на граѓаните – рече вчера Мицкоски.

Неговиот став е дека ќе одат на избори кога епидемијата ќе биде поразена и кога дневно ќе има нула заразени и починати, а официјалната позиција на партијата, дека треба да се гласа на крајот на август или почетокот на септември, не е променета. Мицкоски ѝ нуди соработка на СДСМ, како што рече, за да се спасуваат животи.

– До петокот имаше канал за комуникација и разговаравме за можни сценарија, но оттогаш нема канал за соопштување на позициите, оттогаш состојбата е алармантна со десетици мртви и стотици новозаболени и не се чувствувам пријатно да зборувам за датум. Ова не може да се квалификува како ситуација во која можам да живеам. Јас не би се чувствувал вешт да разговарам што би се случувало за неколку недели отсега. Да бидеме сериозни, треба да се направи мораториум на дневнополитикантските теми и да се фокусираме сите во надминувањето на оваа пандемија. Ајде прво тоа да го завршиме, а потоа во првиот слободен термин да ги организираме изборите – апелира Мицкоски.

На прашањето што ќе прави неговата партија ако СДСМ и ДУИ се одлучат за избори на 5 јули, Мицкоски рече „секоја чест ако тие решат да одат на избори кога броиме десетици заболени починати“.

СДСМ: Нема избор за денот на изборите

Од СДСМ се со став дека за датумот кога да се гласа всушност и нема избор.

– Вонредната состојба е продолжена за 14 дена, но ако нема ново продолжување, немаме избор, законот е јасен, изборите треба да се одржат на 5 јули. Она што, според мене, е поважно од датумот на избори, е изготвувањето на протоколите за организација на изборите, за изборна кампања, за денот на гласањето – вели потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.

Според него, најдобро да се оди на избори со консензус од сите политички субјекти и додаде дека опозицијата бега од избори, бидејќи ги знае рејтинзите што покажуваат водство на СДСМ.

– Зголемувањето на бројот на инфицираните е затоа што оние што беа најодговорни, МВР, еднострано реши да не казнува и граѓаните масовно не ги почитуваа мерките за заштита, знаејќи дека нема санкции – рече Манчевски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, пак, реагирајќи на изјавата на Заев дека ова е последна вонредна состојба, нагласи дека тие нема да дозволат избори.

– Како знае Заев дека ова е последно продолжување на вонредната состојба? Дали тие ја носат политички? Малку разум треба да се има, ако по секоја цел сакаат да одат на избори и да бидат извор на пандемија, тоа не го заслужиле граѓаните и ние нема да го дозволиме – рече Мисајловски.

Најголемата албанска партија, пак ДУИ, со своите изјави се позиционира некаде на средина помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и го остава сите варијанти отворени. Според Бујар Османи, ако не се одржат изборите на 5 јули, тогаш ќе бидат наесен.

– Ќе се направат напори да се создадат услови, но и консензус за 5 јули. Но, ако нема услови, дефинитивно избори ќе има наесен. Ако зборуваме за датуми, да, ставот е дека 5 јули е последен датум ако се одржат избори летово, но мислам дека овие две недели треба да се фокусираме на здравствената состојба, да ги следиме епидемиолошките трендови – рече Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот