Датум за партиска агонија

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека лобира кај меѓународни претставници Македонија во март да не добие датум за почеток на преговорите.

Во пресрет на извештајот за напредокот на Македонија кој Европската комисијата треба да го објави на 2-ри го март СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во меѓусебен дуел за ЕУ перспективата на Македонија.

Колку власта и опозицијата со пинг-понг меѓусебни оцрнувања ќе влијаат врз одлуката која треба да произлезе од мартовскиот самит. Според Иван Стефановски од Евро тинк , однесувањето на партиите на домашната политичка сцена во пресрет на изборите нема да има влијание, ниту во извештајот на ЕК за напредокот на Македонија, ниту врз добивањето на датум за почеток на преговорите, бидејќи ставовите  на земјите членки на ЕУ веќе знаат што треба да прават со иднината на Македонија.  Но, затоа пак посочува Стефановски може да има влијание во изборниот процес.

– Во извештајот најверојатно ќе бидат нотирани традиционалните обвинувања и не соработката меѓу власта и опозицијата, бидејќи тука станува збор за институционално нефункционирање. А за евентуалното добивање на датумот март или мај? ВМРО-ДПМНЕ има голем број на партнери од сестринските партии кои одлучуваат за добивањето на датумот за Македонија, но по последните изјави на Макрон и Меркел сигурно лобистите на ВМРО-ДПМНЕ нема да превагнат. Неофицијално одлуката за датумот е донесена имајќи ги во предвид последните препораки и носењето на Законот за јавно обвинителство. Во контекст на изборите добивањето на датумот пред изборите, ќе му помогне на СДСМ, а не добивањето пак може да му ја влоши изборната позиција. Не знам што прави ВМРО-ДПМНЕ, но има многу логика ВМРО-ДПМНЕ , да лобира за датум после избори, бидејќи партијата ќе има директен бенефит во изборниот процес, вели Стефановски од Евро тинк.

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека лобира кај меѓународни претставници Македонија во март да не добие датум за почеток на преговорите.

– Во разговори со претставници на меѓународната заедница, со европратеници, тие бараат Северна Македонија да не добие датум за почеток на преговори. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ смета дека една таква порака или позитивна одлука за државата, што ја чекаме 30 години и за која се залагаме сите, би можела да се смета како влијание во кампањата и поддршка за СДСМ. Не, тие имаа доволно време да се приклучат и кон Преспанскиот договор и кон целиот процес на интеграција. Но, наместо тоа, ВМРО-ДПМНЕ избра опструкција и деструкција. Се на штета на државата, рече Костадинов.

Според високиот партиски претставник на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, ваквите тврдења на СДСМ се само „алиби“ затоа што власта знаела дека и следниот месец ќе немало датум за почеток на преговорите.

– Вам ви е кажано дека во март нема датум за преговори. И сега треба да се впери прстот и да се каже „ќе добиевме датум, ама тие лошите од ВМРО-ДПМНЕ се толку влијателни што кога ќе отидат во Брисел сите им се тресат и ги слушаат“. Во секој случај, ви благодарам за комплиментот за ВМРО-ДПМНЕ“. Напротив, камо среќа да добиеме датум , затоа што на таков начин ќе имаме еден објективен, критичен поглед од страна“, рече Димовски.

Извештајот за напредокот на Македонија, ЕК ќе го објави на 2 март наместо кон крајот на февруари. Ваквото поместување според извори од ЕК, произлегува од намерата на Данска и Холандија со дополнителни експерти да дадат оценка во извештај за напредокот на Македонија и Албанија.

И вчера од Солун од министерскиот состанок на ЕУ-Западен Балкан беше испратена пораката дека за Македонија и за Албанија треба да има одлука за почеток на преговори.

Македонските власти очекуваат позитивен извештај за напредокот бидејќи ќе биде насока по која земјите – членки ќе се раководат при носењето на одлуката, најверојатно на 24 март кога ќе заседава Советот за општи работи на ЕУ. Тоа го потврдува и пораката од Солун.

– Очекуваме дека во согласност со препораките на ЕК, ЕУ ќе донесе одлука за почеток на пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија пред самитот во Загреб во мај, по можност веќе во март“, стои во завршната изјава од солунската конференција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот