Даштевски: Сите изборни комисии денеска ќе го добијат доверливиот гласачки материјал

Александар Даштевски/ фото: Архива на Слободен печат

Државната изборна комисија (ДИК), утрово од Битола почна со преземање и дистрибуција на избирачкиот материјал за претстојните Локални избори што ќе се одржат в недела.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски изјави дека станува збор за доверлив материјал кој содржи гласачки ливчиња и изводи од избирачкиот список.

– Сѐ е подготвено и денес ќе се дистрибуира цел материјал затоа што активностите ги почнавме во раните утрински часови со цел материјалот на време да пристигне во сите општини. Утре ќе ги предадеме и уредите за биометриска идентификација на гласачите во сите ОИК и изборната комисија за Град Скопје. На овие Локални избори има рекорден број на кандидатски листи, а тоа значи и многу материјал кој навреме ќе се дистрибуира, посочи Даштевски.

Во битолската печатница „Киро Дандаро“ отпечатени се околу 4,5 милиони ливчиња и материјал што го придружува избирачкиот материјал за реализација на изборите, истакна Драги Милошевски, генерален менаџер на печатницата.

– Овие гласачки ливчиња заштитени со над 20 заштити и не е можно никакво фалсификување, ниту пренесување на ливчиња од едно на друго избирачко место затоа што сите ливчиња се обележани и заштитени. За печатење на избирачкиот материјал потрошивме околу 40 тони хартија за ливчиња и дополнителни 20 тони хартија за записници. Изработивме гласачки ливчиња за 80 општини и Град Скопје, за секоја општина посебни ливчиња, потоа ливчиња кои некаде се двојазични или тријазични во зависност од општините и се што отпечативме беше во зададениот рок, односно за 20 дена, потврди Милошевски.

ДИК и АД печатница „Киро Дандаро”-Битола потврдија дека изработката на материјалот се вршела со максимална заедничка соработка.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот