Дарио Ивановски може до олимписка норма, но постои услов…

фото: фото фејсбук Игор МЦ Јакимовски

Тркачот со второто место на Скопскиот маратон уште еднаш го покажа подемот на формата, што е добар знак во однос на крајната цел, учество на ЛОИ 2024. Игор Јакимовски, тренерот на Дарио, истакнува дека олимписка норма е дофатлива за неговиот атлетичар, но за успех, условот е помошта на сите фактори во државата

По освоеното второ место на Скопскиот атлетски маратон одличниот македонски атлетичар Дарио Ивановски повторно изби во фокусот. Дарио на СК минатиот викенд го освои второто место (2:23:00), зад Кениецот Киплагат и повторно ја покажа својата добра форма.

Дарио веќе седум години постојано е на подиумот на СМ. Во 2016 година беше втор во полумаратон, а следните три години постојано победуваше во оваа дисциплина. Во 2020 година тој се пласира на второто место во маратон. Веќе следната година беше првопласиран во маратон со национален рекорд (2:21:27). Годинава Ивановски заврши на второто место и повторно ги наметна своите долгорочни амбиции, изборување право за учество на Летните олимписки игри 2024 во Париз.

Неговиот тренер Игор Јакимовски истакнува дека Дарио има потенцијал да дојде до олимписка норма, таа толку посакувана „виза“ за учество на најголемиот спортски настан, но има и услов.

– Дарио, за да има реални шанси, мора да имаме целосна и искрена поддршка од сите фактори од државата. Ние самите, ако останеме пак сами на себе, тешко дека ќе стигнеме до олимписка норма. Но ако ни помогнат државата, федерацијата и другите субјекти во Македонија, имаме големи шанси за норма. Дофатлива е за Дарио – вели Јакимовски.

Институциите и заедницата во Македонија може да помогнат на многу начини, со обезбедување толку потребни финансии, со различни спонзорства…

– Крајната цел е учество на ЛОИ 2024. Тој е стипендист на МОК. Сѐ што имавме поставено како цел, извршивме. Квалификациите се во сезона 2023/2024. Тогаш ќе се квалификуваме – вели Јакимовски.

Дарио може да обезбеди учество на ЛОИ 0224 или со постигнување директна норма или со постигнување најдобар резултат во Македонија во некоја атлетска дисциплина, што преку „вајлд-карта“ би му обезбедило учество. Тој сигурно преферира постигнување норма. Според Јакмовски најблизу до неа е во дисциплината маратон.

Резултатите за норма за учество на ЛОИ 2024, според Јакимовски, се заострени во однос на нормите за поранешните ЛОИ.

– Порано нормите за ЛОИ беа подофатливи и Дарио со оваа сегашна форма ќе дојдеше до норма за ЛОИ во Рио. Сега нормите се многу засилени, дури претерано. Тоа предизвикува негодувања во светот – вели Јакимовски.

Тренерот ги истакнува следните цели на Дарио.

– Прва следна цел ни е Европското првенство во Истанбул во сала, во март. Пред тоа има и Балканијада, исто така во март. Минатата сезона формата му беше во постојан подем и целта е тоа да продолжи. Минатата сезона Дарио постави повеќе рекорди и целта е рекордите да продолжат на ЕП и на Балканијадата – вели Јакимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот