Даре

Имам другар, се вика Даре. Тој ми е еден од оние пријатели што на една рака се бројат, еден од оние со кого барем се слушам редовно, а се гледаме кога ќе ни се погоди кармата. Всушност, Даре се вика Дарко, а етимологијата на името му доаѓа од зборот „дар“, или по нашки подарок, разговорно. Не знам дали поради името, ама Даре многу сака да подарува работи, исто како што Хобитите на Толкин прават за своите родендени, ама Даре не бира датуми. Кога ќе намисли да подари нешто, било тоа некој реликт од неговата ризница или интересно шише од продавница, тој внимателно го пакува, украсува и става картичка со посвета, која сигурно ја мислел цела вечер пред да ја испише со својот калиграфски ракопис.

Даре еден ден си купи станче во една, може да се каже, многу пристојна градска населба. Зградата му беше опкружена со големи дрвја, засадени уште по скопскиот земјотрес, ама паркчето беше запуштено, немаше трева, грмушки, децата си играа во правта, а истата таа се таложеше и во неговиот и во становите на неговите соседи. Бидејќи Даре верува во максимата „Не постои проблем за кој нема решение“, но и поради фактот што многу ја сака природата, реши да ја преземе работата во свои раце. Зеде ашов, ја раскопа натапканата земја, засади трева, набави различни садници и ги посади во својата непосредна околина. Ги повика и мајка му и татко му, пензионери, за да му помогнат во работата што не можеше само со брат му да ја направи. Отиде и кај лимар, направија и една голема жардиниера, па во неа ставија и цвеќиња и ползавци, не само поради прашината која тие со своите листови ја задржуваа, туку затоа што околината поубаво изгледаше така, затоа што Даре е, пред сè, естета. И сите растенија, дрвја, џбунови и цвеќиња се зафатија и почнаа видливо да се развиваат.

Дојде лето и растенијата почнаа да бараат повеќе вода. Даре мислеше дека е подготвен со својата колекција на кофи и бидони и секој ден вртеше цел круг од својот дом до паркчето додека соседите од балконите го бодреа и му велеа браво. Ама сонцето печеше сѐ посилно и Даре го фати паника. Набави и црево и приклучоци, вентили и цел систем за наводнување, со цел да го приклучи на оној вентил, на кој во минатото се приклучуваа цревата за вадење тревници. Шахтата со вентилот беше заклучена, па тој отиде кај тие (ЈП „Комунална хигиена“) кои беа потпишани на неа за да побара дозвола да се приклучи, им однесе фотографии од паркчето и уредно пополнета молба, затоа што Даре сака работите да ги прави по пропис. Вработените таму, видно збунети од барањето, по долго чекање го упатија на адресата на неговата општина со образложение дека за тоа тие не се надлежни, иако некогаш ја користеле таа шахта. Даре, упорен како што го дал Господ, отиде и во општината. По повеќе денови и „разгледување“ на материјалите што им ги достави, општинарите заклучија дека за тоа паркче е одговорен Градот. Наоружан со сите документи, нашиот Даре се упати во паркот, каде што се канцелариите на градот и каде што тревниците и дрвјата редовно се поливаат. Го образложи својот проблем, отиде и до архиварницата за да ги приложи сите документи и претходни барања и мислења од институциите, затоа што Даре верува во институциите. По неколку недели упорно инсистирање да добие одговор, вработените од градот му се извинија и го упатија на адресата на градскиот водовод, со образложението дека таа институција стопанисува со цевките за вода. Да не должам, од Водовод го вратија во Комунална хигиена.

Даре е самурајски посветен на своите цели и во целото лето што го загуби по шалтери и канцеларии, сепак наоѓаше време (и вода од дома) да ги полева новите садници. Го охрабрија и муабетите и довикувањата од соседите кои на неговите активности ракоплескаа и довикуваа „Даре-Царе“ и слични кованици, па реши и писмено да им се обрати за помош. Всушност, требаше да патува и беше загрижен за паркчето, па напиша едно кратко писменце, го испечати и залепи по сите околни влезови. На писмото немаше многу текст, туку само една реченица: „Драги соседи, ве замолувам пластичните шишиња кои секојдневно ги фрлате во контејнер, пред да ги фрлите да ги наполните со вода и истурите на некое од овие растенија. Со љубов, Даре“. Писмата ги снема од влезовите уште првиот ден и Даре, пред да отпатува, ги замоли и сите свои пријатели што барем поминуваат оттаму да го направат истото со шишињата. Пријателите го испочитуваа неговото барање и растенијата растеа, се ширеа, цветаа и зеленееја, поливани со вода од повеќе градски општини.

Паркчето прерасна во вистинска зелена оаза сред градскиот бетон, ама еден ден Даре реши да се пресели оттаму, сега е со брат му во станот на своите родители што доживеаја да ги видат израснати дрвјата што тие помогнаа да се насадат. Околу таа зграда воопшто нема зеленило, го изедоа урбанистичките решенија и планови и Даре сериозно прави план да се пресели во некој град со многу зеленило, затоа што Даре е градски човек. Ми зборува за Германија, Белгија, Шведска и за тоа како таму секое дрво има своја плочка, некој вид лична карта и како никој не смее да го пипне, а сите се задолжени да се грижат за нив, затоа што, нели, растенијата не можат сами, исто како децата или луѓето со посебни потреби. Не можев, а да не го прашам и за паркчето во маалото кај неговиот поранешен стан. Со мала горчина во гласот, секогаш полн со оптимизам, ми одговори: „Јаворот и зимзелените се исушија, во жардиниерите сега расте само плевел, но багремот и живата ограда уште се живи, тоа се многу отпорни растенија“. И додаде: „Никој не може да исече и уништи толку дрвја колку што ние може да посадиме“.

Се гордеам што имам другар како Даре и посакувам секое маало во мојот град да си посади еден човек како него. Да биде пример како може само еден човек да промени нешто што на сите други им се чини невозможно. Бидете и вие Даре, само со такви играчи можеме да влеземе во првата лига на шампиони во културниот натпревар помеѓу народите!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот