Данокот на солидарноста

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Во време кога болниците во Индија буквално се грабаат за секој литар кислород, кога за пациентите нема доволно кревети и умираат тивко на улица, кога крематориумите немаат капацитет да спалат толку многу тела… индиските милијардери не направија ништо. Всушност, некои направија – осуммина ги фатија последните приватни авиони за да се префрлат во Лондон.

Колку и да се звучи грдо, на сите овие глобални страдања со пандемијата, на повеќе од 150 милиони заразени и 3,2 милиони починати луѓе, на целосно парализирани градови, пропаднати економски сектори, затворени фабрики и канцеларии и армија отпуштени работници… некој заработува милијарди. И не кој било, туку оние што милијарди веќе имале отповеќе. Сега ги имаат многу повеќе.

Само американските милијардери, 661 на број, заедно имаат 4.260.000.000.000 долари – бројка со 13 цифри што сама по себе не кажува многу. Но, за само една година од пандемијата, тие стекнале 1.360 милијарди долари. Да потсетам, само во САД, каде што посиромашната половина од населението значи околу 165 милиони луѓе сите заедно, имаат 2.400 милијарди.

Џеф Безос заработил 76 милијарди. Да почнел лани од нула, а не како најбогат човек во светот со 113 милијарди долари, газдата на „Амазон“ сега ќе бил меѓу петте најбогати луѓе на планетата. Богатството на Илон Маск во времето на пандемијата се зголемило за 157 милијарди долари (од 24,6 на 182), просечно по околу 13 милијарди месечно. Заработил грубо 300.000 за времето додека го читате овој текст од почетокот до тука.

Посебна приказна се индиските милијардери, 140 на број. Во време кога земјата ја погоди страшен бран на ковид-19, кога болниците буквално се грабаат за секој литар кислород, кога за пациентите нема доволно кревети и умираат тивко на улица, кога крематориумите немаат капацитет да спалат толку многу тела… индиските милијардери не направија ништо. Всушност, некои направија – осуммина ги фатија последните приватни авиони за да се префрлат во Лондон токму пред поранешната империја да ги затвори портите за сите што доаѓаат од Индија, па од доволно голема дистанца ги гледаат страдањата на својот народ. Ако нема крикет на друг ТВ-канал. Меѓу нив е и „принцот на вакцините“ Адар Пунавла од Индискиот институт за серуми (СИИ), во кој се произведуваат повеќето од дозите што Индија ги користи или ги извезува.

Индиските закони налагаат големите компании да издвојат 2 отсто од просечните профити за „корпоративна општествена одговорност“. Мукеш Амбани, газда на „Релајанс индастрис“, компанија што произведува 11 отсто од кислородот за индустриски и медицински потреби на Индија, во периодот на пандемијата го зголемил богатството за една четвртина. Амбани се пофали дека преку фондот за општествена одговорност (не од сопствениот џеб) купил 100 тони кислород за државата Махараштра, на која ѝ се потребни 15.000 тони кислород на ден за поддршка на пациентите од ковид-19. Подарокот на Амбани бил доволен за 11 минути здив, а тој притоа потрошил повеќе пари за да се пофали, отколку за кислородот. Како и да е, неговата компанија сега може да побара ослободување од даноци.

Само со профитот остварен во минатата година на десетте најбогати луѓе може да се купат и дистрибуираат вакцини за сите луѓе на планетава. Дури и оние што најтврдокорно го бранат капитализмот се согласуваат дека ваква дисторзија на распределбата на богатството не е нездрава само за луѓето, туку и за општествата и за демократијата.

Даночни експерти  во Британија ја поддржаа идејата за воведување еднократен „данок на супербогатите“, наместо да се зголемуваат даноците на сите вработени. Зголемувањето на данокот за само 1 отсто на домаќинствата што заработуваат над 1 милион фунти во период од пет години би генерирало 260 милијарди фунти. За споредба, владата вложила 280 милијарди на мерки против пандемијата и за поддршка на економијата, вклучувајќи 73 милијарди за вработувања. Предлогот им е предаден на политичарите.

Вакви даноци биле воведувани во Франција, Германија и во Јапонија по Втората светска војна и во Ирска по глобалната финансиска криза. Чекор во таа насока веќе направи Аргентина, која деновиве објави дека од новиот данок за милионери собрала 2,4 милијарди долари за медицински материјали и стимулации за компаниите погодени од кризата од ковид-19. Новиот данок од 5,25 отсто беше оспорен и отфрлен од милионерите, па до крајниот рок на 16 април не го платиле 20 отсто од вкупно 12.000 луѓе со над 200 милиони пезоси.

Толку од солидарноста. Сега, кога е најпотребна, па дури и кога е наметната, покрај себе има приватни авиони за да избега. А, данокот ќе го платиме сите. Кој со што му преостанало.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот