Даноци и придонеси не плаќале Самсоненко, Боки 13, МРТВ…

Звучни имиња кои некогаш, а некои од нив и сега, се сметаа за бизнис елита се наоѓаат на последната црна листа на неплаќачи на данок што УЈП редовно ја објавува. Најголем дел од неплаќачите се редовни „гости“ на оваа црна листа.

И понатаму, кумановскиот тутунски бос Бајруш Сејдиу ѝ должи на државата 1,8 милиони евра и тоа затоа што не си платил персонален данок на свои лични приходи надвор од плата. За неплатен персонален данок во висина од 130.000 евра, на црната листа се најде и името на струшкиот бизнисмен Георги Миладинов, познат како газда на „Кимико“ и еден од браќата што водеа спор со МПЦ за хотелот „Изгрев“.

На црната листа е и Фудбалскиот клуб „Вардар“ на рускиот бинисмен Сергеј Самсоненко, кој должи 374.000 евра, а најголем дел од овој долг – 364 илјади евра е за неплатен пероснален данок од плата, што значи дека газда Самсоненко не им плаќал плати на играчите и на вработените.

На листата на должници е и „1ТВ“ со 69.000 евра долг по основа на данок на додадена вредност, данок на добивка и придонеси од плати.

„Те-то“ најголем должник

На врвот на листата на должници и понатаму е друштвото за производство на електрична енергија и топлина „Те-то“ со долг од 18,8 милиони евра. Ова фирма има натплатен ДДВ од 702 илјади евра, но маката и е од неплатениот данок на добивка во висина од 19,5 милиони евра. Добивката, како што објаснуваат упатените, во најголем дел доаѓа од отпишаните побарувања што се случиле кога компанијата пред година и пол прогласила стечај што траел еден ден. Тогаш биле отпишани побарувања од 150 милиони евра, но и на нив мора да се плати 10 проценти данок.

Втора на листата на должници и понатаму е фирмата „Ел дон Катислјо Ангел“ со долг од 7,6 милиони евра. Всушност станува збор за поранешнаат компанија за автобуси на Мексиканецот со македонско потекло Ангел Антонио Кастиљо Родригез, за кого во 2008 година имаше и кривична пријава за оштета на државниот буџет за 500.000 евра.

Јавните пртпријатија дежурни неплаќачи

Јавните претпријатија, особено комуналните, како и Македонската радио-телевизија никако не се раздолжуваат со државата. УЈП, пак, не може да блокира јавно претпријатие кое врши суштински важна дејност за населението. Затоа нивните долгови, од извештај во извештај само се пресликуваат, но на голем дел од нив и се зголемуваат.
Најголемиот должник меѓу јавните претпријатија, веќе долго време е ЈП за државни патишта со долг од речиси 4 милиони евра. Водостопанство на Македонија за даноци должи 146.000 евра, а долгови редовно имаат и комуналните претпријатија.

Македонската радиодифузија има долгови за даноци од 410.000 евра, а МРТВ речиси 300.000 евра. Притоа, овој долг, како и секогаш досега, е од неплатен данок на добивка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот