Даниела од Македонија е во државен карантин: Од нејзиното искуство сподели корисни совети

epa08328083 Passengers wearing protective masks walk on the platform after arriving by train from Kiev to Moscow at the Kiyevsky railway station in Moscow, Russia, 28 March 2020. Due to the coronavirus Covid-19 pandemic, railway communication between the countries was suspended bilaterally but a special train was deployed to bring back Russian citizens to Moscow. Ukrainian citizens will return to their country on 29 March after the foreign ministries agreed to bring home their respective citizens. According to the Russian Quarantine Service of Rospotrebnadzor (Russian Federal Service for Surveillance on Consumer Rights Protection and Human Wellbeing), 1264 cases of the Covid-19 disease have been confirmed so far in Russia. EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Драги пријатели,

Од вчера сум во државен карантин и најпрво би сакала да се заблагодарам на сите љубезни граничари, полицајци, шофери, медицински лица, хотелскиот персонал, како и на сопатниците, секој се труди најдобро што може во дадените околности. Благодарам и на многуте пријатели кои ме контактираа и се грижат за мене.

Денес коментирав на една објава на министерот Филипче и добив прашања од нашинци околу карантинот, што треба да се понесе, како било на граница и слично. Добив и коментар дека информациите им биле корисни или ги смириле зашто знаат што може да ги очекува. Ова ме мотивираше да направам список на побитни информации од моето лично искуство и кои работи би ви требале. Второво зависи од тоа и каде сте сместени, па ова е список кој одговара за моето место.
Ако сметате дека е корисно да споделите со ваши роднини или пријатели кои сакаат да си дојдат дома, ама не знаат како ќе биде во карантин, слободно споделете. Сепак ова е прв ден и за мене, па не знам како ќе биде понатаму.

Едно време си викам долга е објавава, ама сега зборувам со нашинка на Фејсбук и ми поставува прашања кои јас веќе ги напишав, а се мислев дали се битни за споделување. Затоа описот и списокот на работи кои можеби би ви требале e подолг и објавен во последователни две објави.
Ве молам имајте предвид дека секој објект за карантин е различен и не се сите искуства како моите.“

Од тргнување до стасување – корисни информации и совети:

Карантин: Не се прави исклучок, јас доаѓав од Србија, немав патувано во март освен дома, работев од дома скоро две недели, се пријавив два пати во нашата амбасада дека ќе патувам, патував до граница со кола и Србија уште не е високоризична. Од амбасада беа достапни на телефон утрото кога преминував. Но нема исклучок. Понесете си храна за по пат и вода. Ќе заборавев, пријавете се во амбасада дека ќе си доаѓате, небитно дали со авион, со кола или на друг начин. Битно е да знаат за колку луѓе треба превоз и сместување, многу е битно, за да не чекате превоз и сместување со часови (и да се пријавите може ќе чекате, ама барем вие сте направиле што било побарано од вас). Проверете последни информации пред да тргнете. Не смее да се излегува од соба.

Граница: На граница граничарите и од српска страна и од наша беа многу љубезни, се обидоа и едните и другите да ме премислат и да се вратам во Белград. Но јас морав да си дојдам дома, само бев изненадена за карантинот зашто сама патував и сл. Како и да е, прифатив да одам во државен карантин без да знам каде и сл. Ми беше најбитно да си дојдам дома во еден момент. Пешки прејдов од српска до македонска граница, што во друг случај не е проблем, но сега врнеше снег, а јас имав тешки куфери, некој да ме гледаше ќе му бев многу смешна. Жива душа нема, а ја буткам ли буткам куфери на снегот. На граничен премин кога стигнав ми помогнаа вработените.

Превоз: Превозот го почекав (автобус), но информирајте се пред да тргнете во колку саат има превоз од каде ако преминувате граница пешки или со кола. Вчера беше во 10 и 20 ч., ова е битно за да не чекате цела ноќ и утро на граница, условите таму се такви какви што се, мала заклучена просторија, топла и толку. Каснете, појдете во тоалет пред да преминете граница, не знаете колку време ќе помине до следна можност за тоа. Во мојот случај превозот дојде подоцна и долго патувавме до Охрид зашто правевме и паузи и веројатно се одлучуваше каде да не носат. Се застана на два пати, можевме да излеземе на воздух, но не и да се оддалечуваме. Шоферите беа прекрасни, што можеа помагаа, од полнење батерии на телефоните, до купување што ни треба, до куражење и шегување. Полицајците кои не придружуваа со возила исто љубезни, што можеа правеа. Носете си влажни марамчиња или друго да го исчистите седиштето ако сакате, секако маски и ракавици, тоа не ни дадоа.

Пристигнување: Дознавме дека доаѓаме Охрид некаде околу Пресека, инаку на пример можеа да ни донесат додека правевме пауза, нашите торба со потребни работи или слично. Чекавме пред хотел некое време додека да дојде некој да не регистрира и лекари да ни мерат температура. Смрзнавме надвор, така што ако идете деновиве, облечете се потопло. Не регистрираа и ни кажаа дека треба по двајца во соба. Лекарот ни измери температура и ни доделија соби. Нема лифт, па тешки куфери се проблем, затоа ако не можете да кревате, спакувајте се попрактично. Ама секако дека ќе има и некој да ви помогне.

Сместување: Сместувањето е во двокреветни соби, има оставено еден кревет измеѓу двата наместени кревети. Хотелот не бил отворен со месеци, веројатно го отворија дента, па не беше чистено. Работеше греењето, ама беше дента пуштено и не работат сите радијатори. Постелнини има, има и ќебиња. Има крпи, но засега не знам колку често ќе се менуваат, има тоалетна хартија, тврдо сапунче. Има црна вреќа за ѓубре.

Храна: Храна редовно се носи, без прибор. Охридската вода се пие од чешма, но ти треба чаша, не може од рака, чешмите се ниски. Храната се остава во ќесе пред врата, а остатоците во истото ќесе се оставаат пред врата. Нема избор на храната, така што ако постиме или сме вегетаријанци, може да ни биде потешко. Се носи редовно и овошје. Извидничко или камперско искуство многу ќе ви помогне. Мене ми помогна и во болница кога бев пред неколку години и сега. Да се снајдеш со тоа што го имаш.

Хигиена: Како што пишав, беше чисто колку што можело за кратко време да се исчисти, но јас за неколку часа успеав колку што можев да зачистам, барем купатилото и површините. Нема секако средства за чистење, но јас нарачав преку другарка. Со оглед дека две лица се 24 часа заедно во една соба, во која и јадат, битно е одржувањето на хигиената. Верувам кога ќе се организираат подобро во хотелов и за нив е ова новина, ќе се подобри и тоа. Се трудат, навистина сум им благодарна.

Пакети: Да, пакети се можни, има правило, не знам дали за сите места е исто, во нашево место, од 11 до 12 се носат нарачките, мора да се спакувани во пакет со фолија околу со име и презиме, телефонски број и број на соба. Не знам како ќе биде следниве денови кога ќе има гужви, но денес одма ми ги донесоа работите.

Медицинска поддршка: Досега не ни направиле потемелен преглед, само вчера ни мереа температура. Денес пополнивме прашалник, во кој не прашаа за терапија дали примаме или ни треба, за болести и сл.

Комуникација: Во хотелов нема интернет, бил затворен и не требало да има. Но се обидуваат да овозможат. Ова беше проблем зашто на некои сопатници батериите им се беа испразниле по пат (некои патувале долго), некои немаа македонски броеви, на еден за белја му се расипа телефонот, па нивните семејства не знаеа каде се. Но во еден случај семејството успеало да дознае каде е нивниот сопруг, татко, по телефон, се јавувале секаде каде им текнало и така дознале дека е во Десарет. Затоа уште пред да тргнете ставете си доволно кредит ако имате македонски број или најдете соодветен пакет за странскиот број кој го користите, најважно ви е да имате доволно интернет и во роаминг, додека не се снајдете. Комуникацијата со персоналот најчесто преку ливчиња на врата или пред врата. Меѓу нас, со довикување преку ѕид со соседите или чукање на ѕид.

Работа од карантин: Можна е, секако денес не можев многу да сработам, ама од утре би требало да можам. Единствен проблем е ограничениот интернет, ама работам офлајн и се вклучувам на одреден период да испратам. Денес и вчера (но не го користев само јас интернетот и дополнително многу комуницирав и плус проверував и службена и лична е-пошта, вклучително со прилози) потрошив 2 ГБ.

Солидарност: Цела група од 11 души кои дојдовме заедно е солидарна, си помагаме колку можеме, зашто мораме да одржуваме и растојание и превентива. Си пуштаме интернет едни на други, одржуваме контакт со семејство на друг, се бодриме, еве во моментов еден од моите сопатници си ја добил гитарата и свири. Службениците и вработените исто се солидарни, секако без да се загрози здравјето не некого.

Прашања: Ме прашуваа колку чини авионски билет и слично, не знам, јас дојдов со кола, и тоа чини секако, но е побезбедно, ама па не може од секаде да се дојде со кола. Другите прашања беа како сум поминала на граница, каков бил односот, што да се понесе за во карантин итн. На дел од прашањата одговорив погоре и со давање на контекстот, зашто е битно и каде ќе бидете во карантин. Ако не сте од Охрид, а сте во Охрид на пример, може да ви е потешко, исто за Скопје, Кавадарци и сл. Во следнадта објава следи што да си понесете и што да нарачате вашите семејства или пријатели да ви донесат и тоа пишувам сеопфатен список, за да секој си определи што му е нему значајно, само нема да најдете цигари на списокот, не зашто е забрането, не е, туку заради здравје. Има и коментари некаде зашто нешто би ви затребало, исто за да може да процените дали вам ви треба.

Што да понесете, а што би можеле да ви донесат семејството или пријателите во зависност каде сте сместени
  • Маски и ракавици
  • Спреј за нос, може и обичен физиолошки раствор
  • Средства за дезинфекција, 70% алкохол на пример и мали памукчиња, како оние за шминка, за да можете полесно да бришете помали површини (на пример телефонот) и за да не трошите непотребно алкохол. Веќе некое време користам спреј за дезинфекција од ДМ кој што е за сите површини, а шишето е лесно за пакување во куфер.
  • Лекови што ви требаат или може да ви затребаат, а може секако да си земете стрепсилс или слично за грлото или кафетин или др. повеќенаменско.
  • Четка и паста за заби
  • Течен сапун, доволно количина (особено ако го користите и за туширање)
  • Крем за раце/лице/тело, многу се суши кожата, веројатно зашто подолго време сме во затворен простор, често се миеме раце, па ракавици, дезинфекциско средство и ете
  • Шампон (може ќе има, ама за секој случај)
  • Улошки, дури и да не ви е периодот за добивање, заради ситуацијата да не ве изненади
  • Крпи/пешкири (има во хотел, ама не знам колку често ќе ги менуваат, а и нема доволно) и тоа земете повеќе мали и две поголеми, малите се згодни за повеќе работи и крајно полесно е да ги исперете и исушите
  • Салфетки/паломи/хартија за во кујна, зашто јадеме во соба и секако треба да одржуваме и чисто
  • Влажни марамчиња и за хигиена и за чистење ќе се најдат
  • Доволно долен веш, како и хулахопки, чорапи за 14 дена, зависи кој што носи, нема многу услови за перење т.е. повеќе нема како да сушиме, за перење ќе се снајдеме
  • Поудобна облека и обувки, зависно од временските услови, сега ми треба потопла облека, а јас се подготвив за пролет на пример
  • Влечки за по соба, особено за во купатило, најдобро гумени.
  • Постелнина, не дека дома менуваме почесто отколку овде, туку тука може да ви е попријатно во ваша и да се чувствувате посигурно
  • Самолепливи ливчиња и пенкало, за оставање пораки на врата, па кога иде некој ги гледа
  • Доволно книги, ако читате, јас случајно земав неколку поголеми за кои никогаш не наоѓав време, па сега добро ми дојдоа

Следниве работи зависи каде си сместен, јас замолив за дел од нив и ми ги донесе другарка ми, за што сум и многу благодарна, а како што напишав претходно се примаат пакети во одреден термин од денот:

  • Средство за чистење тоалет и сунѓерчиња
  • Прибор за јадење, основен
  • Чаши, може и една стаклена чаша и една шолја, па ќе миете
  • Тоалетна хартија (има, ама се троши, а нема како да побараш да ти донесат, имаме контакт само кога ни носат јадење и ако слушнеме дека ни остава некој пред врата нешто)
  • Греалка, мене ми требаше зашто е многу ладно, веројатно не треба секаде, а и ќе се стопли
  • Електрично ѓезве / бокал за топлење за вода, за да подгтовувам чај, се уплашив вчера од ладното дека ќе настинам Не е исто кога си дома и од нога да ја поминеш настинката и тука
  • Кому му треба за занимација грицки и чоколади, ама мој совет се апетисани ем за здравје ем стојат подолго време, но можеби несолени (на пр. непечени бадеми, лешници)
  • Јас пијам вода од чешма, ама инаку можеби и вода треба, зашто не ни носат вода
  • Шалoви, имаат повеќенаменска употреба
  • Ќеси во разни големини, се наоѓаат како подлога за оставање на работите, за валканите алишта, за чување на храната, на пример на тераса.

Писмото е целосно преземено од фејсбук-проифлот на Даниела Стојанова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот