Дамева: Не сакам само голи имиња на кандидати за уставен судија

Фото: МИА

Додека во Собранието трае расправа околу изборот на актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовески за член на Уставниот суд, на кој во моментов му недостасува една третина од предвидениот број на судии, се очекува и уште еден предлог за уставен судија што треба да го даде Судскиот совет.

Неодамна избраната претседателка на Советот Весна Дамева денеска уверува дека постапката е во тек.

– Тоа сега се анализира. На колегите им е дадено задолжение своите предлози да ги поткрепат со детални информации за кандидатите за да не бидат тоа само голи имиња. Тоа го направивме уште на една од првите седници на Советот и очекувам дека многу брзо ќе го имаме решението, кое ќе можеме да го аргументираме пред јавноста – изјави Дамева.

На оваа изјава и на денешното продолжение на вжештената расправа во собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата, на кој опозициските пратеници продолжија со критиките и на правосудството воопшто и на предлогот на парламентарното мнозинство Јовески да биде избран за уставен судија, им претходеше апел да ја забрзаат работата.

– Останува апелот до Собранието и до Судскиот совет, кој треба да предложи еден од судиите, тоа да го сторат што побрзо – изјави минатата недела портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска.

Таа потсети дека од седми декември минатата година Судот функционира со шест од предвидени девет судии, поради завршување на мандатот на судијката Вангелина Маркудова.

– За да се донесе одлука на Судот потребни се најмалку пет гласа „за“. Судот е колективно тело, каде секој судија има право на свое мислење кое може да биде различно од она што го кажуваат неговите колеги. Тоа значи дека многу често се соочуваме со ситуација предлозите да не добиваат мнозинство – појасни Беловска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот