Дамбетер асимилација и бугаризација?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Којзнае и сега каква „забава“ ни приредува соседна Бугарија со ветото и со отворањето „културни клубови“ и „невладини“ здруженија и организации со имиња на докажани крвници и фашизоидни ликови од минатото?!

Кога е нешто декларирано и дефинирано, кога е регулирано со закон или со друг правен акт што е со договор билатерално и меѓународно потпишан и признат, кога и двете страни се согласни и задоволни со легализација и имплементација на договореното, навистина не е потребно да се фрла сомнеж дека некој заткулисно нешто сокрива и работи на елиминација на законитоста?! Ова е особено значајно ако едната страна, во случајов Република Бугарија, е членка на Европската Унија, која верувам по приемот веднаш дала заклетва дека во целост ќе ги почитува постулатите врз кои почива Унијата и бескомпромисно ќе се бори за остварување на европските вредности?!

Така би требало да функционира Унијата, но и демократијата за која со полна уста зборуваат и треба да ја шират пристапниците, а не како што е сега, престапниците на овие начела?! Значи, не одат работите како што треба да одат со почитување на законитоста и принципите на демократијата?! Некои студии покажуваат и предвидуваат дека доколку нема придржувања до овие, па и до некои други наум искажани принципи, ниту ЕУ ќе остане ЕУ, ниту некој ќе сака да стане нејзина членка?!

Веројатно „распаѓањето“ на Унијата почна поради невладеењето на правото и правдата или, пак, нешто друго е во прашање?! Сè уште никој не знае и не може да тврди која е вистината, но едно е јасно и сигурно дека Велика Британија со напуштањето на Унијата го најави овој процес, кој можеби е последна опомена и шанса Унијата да ги зацврсти своите редови или, пак, да им се препушти на природните законитости?!

Ете, ова сакав да го кажам како повод и вовед во она треба да биде, а не е Европската Унија кон која со години и нашата држава асоцира и се надева што поскоро да стане нејзина членка. Но, постои голема пречка од бугарска страна со забетонирано и крајно условено вето за отпочнување на преговорите со ЕУ, кое од сите аспекти не е во сообразност со европските вредности и принципи, а Европа како да не може тоа да го открие или намерно го протежира, знаејќи за нашата компромисна попустливост проверена уште со Преспанскиот договор?!

Најболно е и непростливо, посегнувањето на Бугарите по нашите темелни вредности и обидот за повторна асимилација и бугаризација на Македонија што почна со фашистичката окупација на нашата земја во која Бугарија ја имаше главната улога. И, какво е тоа условување за кревање на сегашното вето за почеток на преговорите со бришење на историјата за бугарската окупација, со признавање дека јазикот наш бил бугарски, какви „што биле“ и нашите корени?! Ете, тоа, за жал, не може да го открие и согледа Европа, која наводно се бори за спротивното, врз кое се темели и нејзиното постоење?!

Од друга страна (односно од прва), нашето водство, како да не е наше и можеби од оправдани побуди не дава отпор, туку бара некаков друг потпор?! Не можам да сфатам како по толку години не се најдоа чесни и паметни луѓе да ја согледаат суштината на спорот и да го решат на обострано задоволство?! За волја на вистината, имало, не оти немало такви обиди, арно ама вистински лидери немало?! Не сакам да спомнувам некои ликови, кои направија сè (за себе) за ништо да не направат (за државата)?! И сè е така отидено во неповрат?!

За малку ќе заборавев на главната работа од моево искажување. Всушност, накратко сакав да ја прераскажам приказната на еден жив сведок за насилната асимилација на нашето население, кој лично ја доживеал и со револт реагира на сегашната фашизација и бугаризација на Македонија! Потресната сторија ја почна со сеќавање на окупацијата и со воведување бугарска администрација со „желание за нивно воспитание и образование“ насекаде во училиштата. Влегува бугарскиот учител и наместо да се поздрави со учениците, дава интонација и гласно и јасно мора да се пее бугарската химна. Потоа почнува проверката на присутните. Секој станувал и се претставувал по теркот што го барал учителот: Ас сам балграче и казвам се Благојче! И така со ред од првиот до последниот ученик…

Најпосле, се прашувам и ве прашувам, дали ова било асимилација и бугаризација или „културна забава“ за основците и за другите повозрасни ученици?! Којзнае и сега каква „забава“ ни приредува соседна Бугарија со ветото и со отворањето „културни клубови“ и „невладини“ здруженија и организации со имиња на докажани крвници и фашизоидни ликови од минатото?!

Не, не бе и ас вам казвам дека тази дупка в‘ф тази дрмон – решето, не е дупка?! Истото „без поткуп и пари“ го тврдат и европските емисари, за да не дувне посилен ветер со дамбетер наша асимилација и бугаризација!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот