Дали заштитата на Водно ќе му донесе спокој на Скопје?

Водно. / Фото: Архива на Слободен печат

Владата на вчерашната седница го изгласа предлогот за прогласување на Водно за заштитено подрачје од најниската петта категорија, според постојниот Закон за заштита на природата.

Од Го сакам Водно со став дека одлуката за Водно која вчера беше усвоена од страна на Владата нема да го заштити Водно и дека тоа ќе продолжи да биде урбанизирано, бетонирано и изложено на деградација, која не само што ќе ги намали неговите природни вредности туку и неговата заштитна функција во однос на Скопје.

Заштитата која сега ѝ се дава на оваа скопска планина не е суштинска туку само декларативна и дека измените кои се внесени се само козметички, сметаат еко-активистите.

„Што се добива со забраната за градба во заштитеното подрачје која трае само година дена, што потоа“, прашува Татјана Стојановска од Го сакам Водно. Просторниот план сѐ уште не е направен, а веќе е направено зонирање на Водно, па така, кога ќе престане забраната секој ќе може да си добие дозвола за градба во зоната на одржливо користење после истекот на една година, смета Стојановска.

На прогласувањето на Водно за заштитен предел со оваа владина одлука му претходеше повеќегодишна жолчна јавна расправа, во која еколошките здруженија, но и голем дел од стручната јавност, како и дел од државните институции се произнесоа негативно за начинот на кој државата планира да го заштити Водно. Главно аргументите на противниците на обемот на заштита на Водно предвиден со статусот на заштитен предел се однесуваа на тоа дека планината се заштитува само поради своите природни особености и вредности, кои не се доволно високи за да добијат и повисок заштитен статус,а притоа се занемарува извонредно важната улога во спречувањето поплави.

Од Владата сметаат дека со донесената одлука се овозможува зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните и други вредности. Со неа ќе се спречат дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите; создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и природното наследство и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа, стои во образложението на Владата за донесената одлука за заштитниот статус на Водно.

Оттаму информираа и дека останува отворена за дебата и сугестии во однос на предлогот за донесување на „лекс специјалис“ за Водно како можност за дополнително унапредување на заштитата на Водно, како и дека останува отворена можноста доколку се изработи нова идеја за подобра заштита и регулатива, таа секогаш може да биде дополнително предложена и изгласана од Собранието“, алудирајќи на барањето на екологистите и на експертите да се донесе специјален закон за Водно, со цел тоа да се заштити и како подрачје значајно за безбедноста на Скопје од ерозии и поплави.

„Важно е што Водно ја доби заштитата согласно постојното законодавство, а во меѓувреме доколку се изработи нова идеја за подобра заштита и регулатива, таа секогаш може да биде дополнително предложена и изгласана од Собранието“- смета министерот за животна средина Насер Нуредини

„Препознавајќи го исклучителното значење на планината Водно и нејзините повеќекратни функции за околните населени места и Градот Скопје, по екстензивните јавни консултации и усогласувања на предлогот, беше извршено дополнување на Одлуката со што се предвидува подготовка и на Просторен план на подрачјето, се обезбедува на исполнување на обврската на локалната самоуправа за утврдување на границите на ерозивни подрачја, како и се забранува изградба на нови објекти, доградба и надградба на постојните и проширување на урбаните опфати на населените места на територијата на заштитениот предел – Водно“, стои во соопштението на Министерството за животна средина, од каде ги поканија активистите и стручната јавност да се вклучат во изработка на планот за управување со Водно во кој треба да се вградат посебните мерки и активности за заштита на природата, заштита од пожари и други природни катастрофи, меѓу кои и мерките за заштита од ерозија.

Донесувањето посебен закон за Водно беше едно од првите барања на граѓанските здруженија кои застанаа во одбрана на Водно при изградбата на гасоводната траса преку планината во 2018 година, со цел да се запре натамошното уништување на зелената оаза на Скопјани. На ова барање се приклучија и експерти од Факултетот за шумарство од Скопје, како и неколку државни институции. Така, Агенција за планирање на просторот во своето мислење упатено до Министерството за животна средина во врска со изработката на одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје пред неколку месеци упати мислење дека прогласување на подрачјето со уважување само на аспектот на природните вредности и игнорирајќи ги останатите кои за граѓаните на Скопје значат заштита, безбедност и живот без сериозни закани значи дека Водно ќе се претвори во подрачје со бројни проблеми без решение.

Дека на Водно мора да му се признае и исклучителната улога во спречување на поплави од поројни дождови, за која цел тоа било и пошумувано и регулирано во 50-те и 60-те години на минатиот век, укажаа со свои официјални дописи до Министерството за животна средина и Управа за хидрометеоролошки работи, како и Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот