Дали ВМРО-ДПМНЕ се откажа од Скопје?

Ваљон Салиху Фото: Град Скопје

Со оваа националистичка реторика, Мицкоски се фокусира на борба за изборна победа во македонски средини, но во мултиетничко Скопје убеден сум дека таквата стратегија ќе доживее пораз уште во првиот изборен круг.

Скопје е со векови мултикултурен град во кој се испреплетуваат различни култури, обичаи и јазици. Со агитирањето против мултикултурноста, мултиетничноста, мултирелигиозноста и мултијазичноста на Скопје, ВМРО-ДПМНЕ практично се откажува од гласовите на Албанците, Турците, Србите, Бошњаците, Ромите, Власите и другите заедници. А со такви ретроградни политики, и со веќе видените антиалбански агитации против двојазичност и федерализација, ВМРО-ДПМНЕ практично се откажува од Скопје на локалните избори.

 

„Македонија за сите луѓе“ или само за етничките Македонци?

 

По дефиниција, политички демагог е тој што настојува да придобие политичка доверба со празни ветувања и измами со цел да дојде до власт. Зошто Мицкоски е проѕирен политички демагог? Па, затоа што во неговата кампања „Македонија за сите луѓе“ не веруваат ни тие што му ја смислиле.

На сите што малце се разбираат од политика им е јасно дека Мицкоски не се откажува од исклучивиот национализам на Груевски, кој нè доведе до провалија на крвавиот „27 април“ и до загрозување на државата и безбедноста на сите луѓе.

Политичка демагогија е јавно да се среќаваш и да коленичиш со политички претставници на Брисел и Вашингтон, а тајно да водиш кампања „ние не се бориме со Заев, се бориме со Брисел, со Вашингтон“, како што чувме дека агитира една советничка на Град Скопје. Политичка демагогија е да плаќаш за шарени билборди на кои пишува „Македонија за сите луѓе“, а на терен твоите градски советници да шират теории на заговор против Албанците во Бутел, да сеат стравови за федерализација, за кампови на бегалци, и да зборуваат за војна, а против потенцијални турски инвеститори, против „бизниси од тетовските и гостиварските села“ итн. Проѕирно и опасно е ваквото милитантно играње на „етничка карта“ во мултиетничко Скопје.

Со вакви злокобни сценарија, со вакви измамнички политички стратегии што скопјани ги делат на граѓани од прв и втор ред, ВМРО-ДПМНЕ сигурно губи. Дури и на агитаторите им е сосема јасно дека поразот на локалните избори не само што грепка, туку и чука на врата.

 

ВМРО-ДПМНЕ нема понуда за сите скопјани

 

Маркетиншкиот слоган „Македонија за сите луѓе“ е уверлив исто колку и залагањата на учесниците на протестните маршови „За заедничка Македонија“ кои пред 27 април 2017 пееја антиалбански песни против „клетите Шиптари“ и скандираа шовинистички слогани за „чиста Македонија“. Кога го слушам Мицкоски како зборува „Македонија за сите луѓе“ ми текнува на небулозните тврдења на Груевски дека проектот „Скопје 2014“ ќе чини 80 милиони евра, а ми текнува и на милионската палата „со велелепни лустери, црвени теписи, со махагони астали“ која криминално си ја градеше додека во Скопје предизвикуваше етнички и верски конфликти и поделби.

Може ли ВМРО-ДПМНЕ да се надева на добар резултат во Скопје со веќе видената националистичката реторика со која станаа тотални губитници на локалните избори во 2017 година? Свесни се дека поразот им е неминовен, затоа и применуваат двојна игра – јавно зборуваат „Македонија за сите луѓе“, а тајно се уште агитираат за „чиста Македонија“, ширејќи исти лаги за федерализација и кампови за бегалци во Скопје.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат соодветна политичка понуда за сите скопјани. Албанците воопшто не се спомнуваа во програмата на ВМРО-ДПМНЕ од 2020 година. Од сите јазици што ги зборуваат сите луѓе во Македонија, се спомнува само грижа за македонскиот јазик. Во истата програма ВМРО-ДПМНЕ се залага за „зачувување на унитарниот карактер на Македонија и уредување на меѓуетничките односи според принципот на единствена македонска нација“, споменувајќи ја Грција како пример!

Во таквата идеја за „единствена македонска нација“ нема место ниту за Албанците, ниту за Турците, ниту за Ромите, ниту за Србите, Бошњаците, Власите, и другите етнички заедници. Кога ја слушам националистичката реторика на Мицкоски за „македонскиот народ, нација и држава“, за „македонските градови и села“ и „македонската есенција“, почнувам да се плашам за нашата заедничка егзистенција како што се плашев пред и на 27 април 2017 година.

 

Скопјани не се лековерни

 

Скопјани не се лековерни за да дозволат да бидат повторно изманипулирани од демагошките политики. Скопјани не дозволија да бидат изманипулирани од вакви демагози ни во 2017, нема да дозволат ни сега. Добро паметиме како во 2017 година Јохан Тарчулоски јавно се промовираше како кандидат на „Заедничка Македонија“, а како тајно агитираше против Албанците и ветуваше дека ќе работел само за старите сопартијци. За жал, неговата партија не е и никогаш не била партија „за сите луѓе“.

Оваа политичка партија отсекогаш фаворизирала една вера, еден етнос и еднојазичност, па затоа слоганот „Македонија за сите луѓе“ ич не им поминува. Зарем постои човек кој не знае дека оваа политичка партија никогаш не работела за сите луѓе во Македонија, туку само за нивната партиска „клиентела“?

Затоа мислам дека и ребрендираниот слоган „Македонија за сите луѓе“ ќе има краток рок на употреба. Дури имав прилика и да читам коментари од симпатизери на самата партија кои пишуваа дека го утнале слоганот и дека „Македонија е на Македонците“, а не на сите луѓе. „Суштината“ на последните говори на Мицкоски е во истакнување на „македонската есенција“ и борба за „идентитетските црвени линии“, а не во обид да се изгради „заедничка покривка околу која сите се обединуваме“, како што велеше тој самиот. Се прашувам дали Мицкоски во ова европско првенство навиваше за Македонија во која заедно и сложно играа Пандев, Барди, Елмас, Алиоски, Димитриевски или за некоја поинаква Македонија?

Со оваа националистичка реторика, Мицкоски се фокусира на борба за изборна победа во македонски средини, но во мултиетничко Скопје убеден сум дека таквата стратегија ќе доживее пораз уште во првиот изборен круг. Особено поради фактот што Петре Шилегов како заеднички кандидат во Скопје, покажа на дело дека е за Скопје како град што поврзува и спојува, а не како град што дели и разединува.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот