Дали ВМРО-ДПМНЕ на мала врата го „проголта” Преспанскиот договор?

Алексис Ципрас и Зоран Заев / Фото: EPA-EFE/NAKE BATEV

Дали ВМРО-ДПМНЕ се откажува од идејата за ревизија на Преспанскиот договор и го прифаќа како основа за идните пазарења со албанскиот блок за формирање на ново парламентарно мнозинство? Ваквото прашање се наметнува по синоќешните изјави од ВМРО-ДПМНЕ и од Алијанса за Албанците, кои што најавуваат преговори за формирање на ново парламентарно мнозинство, по оставката на Зоран Заев од премиерската и од лидерската функција во СДСМ.

Додека поедини членови на опозицијата покажуваат „пркос“ во општините со неприфаќањето на уставното име на земјата, коешто произлезе од Преспанскиот договор со Грција, висок партиски функционер на опозицијата е дециден дека Преспанскиот договор за ВМРО-ДПМНЕ е завршена работа. Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ за ТВ24 најави дека градоначалниците од опозицијата ќе потпишуваат документи со Северна Македонија таму каде што ќе мораат.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на Преспанскиот договор не е променет. Градоначалниците ќе потпишуваат документи каде што нема да биде возможно потпишување без придавката, но ќе има простор како што ќе може да покажат пркос“, порача Јанушев, по случувањата во Советот на општина Штип каде советниците од ВМРО-ДПМНЕ потпишаа уверенија со името „Република Македонија“.

Од партиската централа денеска потврдуваат дека Преспанскиот договор е „новата реалност“, но истовремено и ја критикуваат истата.

„Преспанскиот договор е новата реалност која ја донесе Заев. Дали таа реалност ни се допаѓа? Одговорот е не, не ни се допаѓа“, вели Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ за Дојче веле. Според него, вистинското прашање е дали се случи тоа што го ветуваше Заев кога ја донесе оваа нова реалност, дали подобро живееме, дали имаме повеќе пари во џеб, дали имаме европско здравство и образование итн…,

„Одговорот е ‘не’…Затоа да се фокусираме на многу работа, чесна и достоинствена, проекти и реформи за подобар живот, тоа го очекуваат граѓаните од нас“, дециден е Арсовски.

Преспанскиот договор (не) е затворено прашање

Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје за ДВ вели дека иплементацијата на Преспанскиот договор не ја гледа како затворено прашање, бидејќи ќе зависи од однесувањето на властите во Скопје и Атина уште неколку декади.

„Дополнително, не треба да заборавиме дека Преспанскиот договор е врзан во голема мера и со преговорите за членство во ЕУ кои несомнено се долг процес. Новата локална власт предводена од опозицијата, секако, ќе биде под зголемен фокус во однос на обврските од Преспанскиот договор, поради најавите за отфрлање на придавката, но и како индикатор за потенцијалната позиција на истите што би ја имале во своите раце и централната власт.

Лагата ќе се разоткрие

Професорот Денко Малески, пак, во анализа за бугарската агенција БГНЕС наведува дека штипските советници на ВМРО-ДПМНЕ, иако не се свесни за тоа, влегоа во конфронтација со меѓународната заедница. „Во општината започна борбата за враќање на уставното име што го вети нивното централно раководство. Логично, примерот ќе го следат оние кои гласаа за враќање на уставното име, очекувајќи од раководството на партијата да го повтори истото во меѓународната заедница“, вели Малески.

Според него, ако сака да испровоцира предвремени избори и да ги добие, раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да ја следи волјата на своите гласачи и да го врати уставното име каде и да победи. Во спротивно може да ги загуби најавените парламентарни избори. „Ревизијата на Охридскиот договор, на Договорот од Преспа, на Договорот со Бугарија, беше дел од победничкиот наратив на македонските националисти, политичари и интелектуалци. Пратеник во македонскиот парламент и лидер на македонските радикали неодамна изјави дека сега ќе ги диктираат правилата на игра: веќе нема Северна, само Македонија“, потсетува Малески.

Но, тој смета дека ветувањата на опозицијата невозможно ќе бидат да се исполнат од позиција на власт. „Лагата дека е можна ревизија на Охридскиот, Преспанскиот и договорите со Бугарија ќе се разоткрие доколку на власт дојдат македонските националисти. Но, тоа би значело најмалку четири години тапкање во место“.

Дали Северна Македонија има право да се повлече од споменатите договори? Малески вели: „Секако дека има. Ние сме суверена држава и можеме да одлучиме во нашиот парламент што сакаме… Примерот за Штип е илустративен. Тој покажува дека прво ќе се караме меѓу себе, па дури потоа со нашите сојузници од НАТО. Но, кавга во мултиетничка Македонија не е обична кавга. Ова е опасна кавга“.

Услов за преговори

Градоначалникот на Гостивар и генерален секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, почитувањето на Преспанскиот договор го наметнува како услов за преговори за формирање на новото мнозинство во парламентот. Тој синоќа во гостување на ТВ21 рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски „нема проблем со тоа“. „Имаме наши услови. Сме разговарале со Мицкоски. Мицкоски нема забелешки за тоа. Преспанскиот договор мора да се почитува. Наш главен услов е интеграција на Македонија во ЕУ, и Преспанскиот договор секако“, рече Таравари во емисијата „Клик плус“.

За разлика од пораките на централата, во општините каде што дојде до промена на локалната власт во полза на опозицијата, веќе се случуваат превирања околу имплементацијата на Преспанскиот договор. На свечена конститутивна седница на Советот на Општина Штип вчера присуствуваа само 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ и еден на Левица, додека деветмината советниците од опозициската СДСМ ја напуштија седницата, бидејќи на писмената свечена изјава, наместо да стои уставното име на државата Република Северна Македонија, стоело Република Македонија. Левица на Фејсбук објави дека не само во Штип, туку и во Аеродром нејзините советници потпишале свечени изјави на кои стои името Република Македонија, место уставното име.

Стравувања

Додека албанскиот политички блок којшто е во коалиција со СДСМ, изразува стравување дека по оставката на премиерот Зоран Заев можат да бидат доведени во прашање и Договорот од Преспа и Договорот со добрососедство со Бугарија, како и евроинтеграцијата на земјата, аналитичари од регионот укажуваат дека по евентуалните предвремени избори нема да има политички промени – ВМРО-ДПМНЕ нема да може да го загрози Преспанскиот договор.

Стравување од понатамошниот развој на настаните вчера пристигна и од Грција. Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтиадис Варвициотис во интервју за радиото „Параполитика“ рече дека евентуалните промени во Северна Македонија се однесуваат и на Грција поради Договорот од Преспа, а евентуалната промена на ставот би создало проблеми за европската перспектива на земјата.

„Ако има владина промена ова сигурно ќе донесе голем притисок врз Договорот, врз правилното спроведување на Договорот од Преспа што е прашање за нас. Но, сметам дека ќе создаде повеќекратни проблеми за самата Северна Македонија во врска со нејзиниот европски пат“, вели Варвициотис.

Преземено од Дојче веле

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот