Фото: Profimedia

Дали влезот на Бугарија и на Романија во Шенген ќе ни ги земе транзитните туристи и што губиме покрај патарините?

Во изминативе години забележуваме одлични резултати со туристите што се на пропатување, вели Андон Сарамандов, градоначалник на Гевгелија, и додава дека мора да се направи сè за да се намали одливот од транзитниот туризам

Членството на Бугарија и на Романија во Шенгенскиот договор за копнени патувања, нема да има некои посериозни рефлексии врз македонскиот летен транзитен туризам, но сепак ќе чепне дел од девизниот прилив кој овие гости, а посебно српските граѓани го оставаа кај нас. Илјадници Германци, Романци, Унгарци, Срби, како дел од нивниот патот кон морето, во изминативе години сè повеќе се задржуваа во земјава и придонесуваа за зголемување на профитот од туризмот, велат експертите, но дали така ќе биде и летоска, ќе зависи и од добрата организација на државата. Од влезот во Македонија до излезот од Гевгелија до Грција има 7 патарини, кои вкупно чинат 9 евра.

Но, освен од патарините, од транзитот на граѓаните, бенефитот го чувствуваат трговците, рестораните и бензинските пумпи во пограничните градови, каде што речиси задолжително се танкира бензин, кој е далеку поевтин од нашето соседство. Но, ако сепак транзитот се пренасочи низ Бугарија, ќе има помали гужви за македонските граѓани, како при влезот, така и при излезот од Грција.

Во последниве години, сè повеќе српски туристи скршнуваат од автопатот и преспиваат и трошат пари не само во Дојран, туку и во Демир Капија, Велес. Од Општина Гевгелија за „Слободен печат“ велат дека постојано работат да ја зголемат квалитетната угостителска понуда и на транзитните туристи да им понудат подобри информации. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот веќе неколку години насочувањето и задржувањето на туристите што минуваат низ земјава го прави преку билборд-кампања во Србија, која трае неколку недели и опфаќа голем број билборди поставени по должината на автопатот Е75.

Почнувајќи од Белград, па до македонската граница, овој пристап со т.н. надворешно рекламирање значи директно зајакнување на промоцијата на локациите што се атрактивни за туристите, а се наоѓаат во непосредна близина на автопатот, посочуваат од Агенцијата.
Андон Сарамандов, градоначалник на Општина Гевгелија, за нашиот весник вели дека мора да го олесниме транзитот на странските туристи. Тој не е загрижен дека нивната посета ќе се намали и дека наместо низ земјава, српските туристи ќе одат на море преку Бугарија.

– Во изминативе години забележуваме одлични резултати со транзитните туристи. И тоа не само во нашиот град, туку и во Демир Капија, Дојран и Велес на езерото „Младост“. Освен српските туристи, кои се најбројни од оние што минуваат транзит, веќе две години максимално се трудиме да ги привлечеме и задржиме и романските туристи, кои минуваат преку Богородица кон Егејот. Нашите кампањи и информативната Платформа се покажаа како полн погодок, бидејќи преку нив тие се запознаваат со целокупната понуда, не само на Гевгелија, туку и на целата држава. Мора да се работи интензивно да се олесни и протокот на туристите, бидејќи тоа ни носи солидни девизни приливи – објаснува Сарамандов за нашиот весник.

И Коце Трајановски, директор на ЈПДП, смета дека треба да се направи сè за да има помали загуби од транзитниот туризам. Лани во земјава од патарини беа собрани 66,5 милиони евра, што беше нотирано како рекордна сума.

Тој за медиумите најави дека се работи на тоа со еден таг да се поминува и во Македонија и во Грција, односно тие да важат во три земји.

-Исто така, таговите да можат да се надополнуваат со платежните картички за да не застануваат граѓаните да ги надополнуваат, да губат време- изјави Коце Трајановски, директор на ЈПДП. За да нема застој, Трајановски најавува проширување на капацитетите на дел од наплатните станици

Туристите во просек ни остануваат по три дена, се жалеле дека возат по лоши патишта

Една поранешна анкета на Државниот завод за статистика покажа дека во просек успеваме да ги задржиме туристите по три дена, а дека речиси 50 отсто од нив се транзитни. Дури 30 отсто од нивните пари тие ги трошат по ресторани, 20 отсто оставаат во трговијата и 17,3 трошат за патарини и за полнење гориво. Зошто ни е важно да ги задржиме годишноодморците, покажува и податокот дека граничниот премин Богородица е најфреквентен и преку него минуваат дури 37 отсто од патниците.

Популарниот сајт ДискаварКарс лани направи ново истражување за квалитетот на патиштата низ светот, пренесе Пословни дневник. Тие анкетирале точно 11.003 возачи туристи за времето поминато на одмор, со прашања да ја оценат земјата во која се возат од 1 до 10 врз основа на квалитетот на патиштата. Според нивните одговори, Македонија е земја со трета најниска оценка со 6,60 од 10, бидејќи според дел од туристите некои од патиштата ни биле во лоша состојба.

Србите се распрашуваат дали е покус патот преку Бугарија до Грција

Граѓаните од соседна Србија на социјалните мрежи масовно споделуваат прашања за тоа дали покус патот преку Бугарија до Грција, колку се вози, колку ќе ги чини, има ли радари и колку е толерантна полицијата? Најважното што го спомнуваат е дека ќе имаат една граница помалку, а тие од ЕУ воопшто нема да чекаат на граници.
Новинарите на Политика, по неколку денови поминати во Солун, решиле да се вратат од Грција во Србија преку Бугарија преку Шенген зоната.

– На преминот Кула-Промахонас стигнавме по 70 минути возење од Солун. Забележливо е дека нема колона камиони, како што имаше претходно. Од двете страни на државната граница, имаше патроли на граничната полиција. На патот кон Грција сите возачи застануваат и купуваат многу поевтин бензин или дизел-гориво во Бугарија – објаснуваат тие.

Во оваа насока – десно од Софија на југ и по новиот автопат покрај Перник, Дупница, Благоевград и Мељник, се стигнува до Егејското Море побрзо и без застанување, и што е најважно, без граници… Особено без најфреквентните познати со часови чекање меѓу Србија и Македонија кај Прешево и Табановце, коментираат Србите на социјалните мрежи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот