Дали вакцинираните со „Спутник“ ќе добијат трета доза?

Фото: Драган Митрески - Слободен Печат

По изјавата на експертот од Рускиот национален институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, Владимир Гушчин, дека вакцината „Спутник В“, обезбедува заштита од коронавирусот за шест месеци, „Слободен печат“ праша во Министерството за здравство дали за вакцинираните со руска вакцина ќе има трета доза. Оттаму ни посочија дека Националниот комитет за имунизација ги прати препораките на светските регулаторни тела.

– Во моментов се следи состојбата на имунизација на населението насекаде во светот и засега во ниту една земја нема препораки за трета доза, кратко ни одговорија од МЗ.

Како што нагласи Гушчин, во Институтот „Гамалеја“ имале доволно податоци кои покажуваат дека имунитетот по примањето на вакцината „Спутник“ е дефинитивно зачуван во рок од шест месеци.

– Затоа би било добро да се изврши ревакцинација за таа да биде обновена – рече Гушчин.

Рускиот министер за здравство Михаил Мурашко претходно изјави дека Министерството за здравство има развиено пристап кон ревакцинација на населението и дека тоа треба да биде на секои шест месеци за време на пикот на епидемискиот бран, а ако не е пикот – еднаш годишно.

Видео на денот